Уапсен поранешниот шеф на баскиската ЕТА во Франција

57

Поранешниот шеф на баскиската сепаратистичка организација ЕТА, кој е во бегство од 2002 година, Хозе Антонио Урутрикоецеа Бенгоецеа, е уапсен утринава во Франција, јави дописникот на МИА, повикувајќи се на шпанското Министерство за внатрешни работи.

Познат како Јосу Тернера, поранешен политички лидер на ЕТА, тој е уапсен „денеска во раните утрински во Саланш на француските Алпи” , во заедничка операција со францускиот Генерален директорат за внатрешна безбедност, објави Министерството во соопштението.

ЕТА уби повеќе од 800 лица во борбата за независност на Баскија. Шпанската полиција го бараше Јосу Тернера од 2002 година, кога премина во илегала и побегна од гонење за неговата улога во нападот извршен во 1987 година врз касарната на цивилната гарда во Сарагоса, северна Шпанија, во кој загинаа 11 лица од кои пет деца.

Тернера, кој бил многу влијателен член на организацијата, ја подготви „конечната декларација” со која ЕТА го објави своето дефинитивно распуштање во мај 2018 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...