Уапсен маж во Крајстчрч, дојава за поставена бомба

60
ФОТО: EPA / Martin Hunter

Полицијата на Нов Зеланд соопшти дека еден маж е уапсен денеска во Крајстчрч, каде минатиот месец при напад врз две џамии беа убиени 50 луѓе, но се уште не се соопштуваат други детали.

Лицето е уапсено по дојава за сомнителен пакет, а на терен се наоѓаат полициски експерти за деактивирање експлозиви, објавија западните медиуми.

Поради сомнеж дека е поставена бомба, биле евакуирани граѓаните во областа Филипстаун во градот на Јужниот остров на Нов Зеланд. На местото на инцидентот се распоредени полициски кордони, а присутни се и возила на итна медицинска помош.

Портпарол на здравствената служба „Ст. Џон Ембуланс“ изјавил дека по барање на полицијата возило на брза помош веднаш пристигнало, но досега никој не побарал лекарска помош.

Претходно весникот „Њу Зеланд Хералд“ напиша дека полицијата интервенира поради закани за поставена експлозивна направа, а луѓето кои живеат во близина биле евакуирани. Полициски портпарол одби да ги коментира наводите на весникот за евентуална закана за бомба.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...