Австралиската полиција уапси тројца мажи за кои постои сомнеж дека подготвувале терористички напад во Мелбурн, јавија локалните медиуми.
Апсењата се случуваат една недела откако маж уби еден човек во градот во напад што полицијата го окарактеризира како терористички чин.
Тројцата осомничени, кои се на возраст од 30, 26 и 21 година, се австралиски државјани со турско потекло. Тие се обиделе да се снабдат со полуавтоматски пушки за да го извршат нападот. Полицијата дејствувала брзо и го спречила спроведувањето на терористичкиот план според кој тројцата мажи требале да нападнат локации во Мелбурн каде што има многу луѓе.
Австралија, која е сојузник на САД, испрати војници во Авганистан и во Ирак и од 2014 година е во состојба на висок ризик од напади од страна на „странски борци“ кои се враќаат дома од конфликтните зони на Блискиот Исток и од поддржувачите на исламистите.
Претходно овој месец, еден човек од Сомалија запали пикап во центарот на Мелбурн, а потоа прободе три лица, од кои едното почина, по што беше застрелан од полицијата. Одговорност за нападот презеде Исламска држава.
Од 2014 година, Австралија обвини 90 лица во рамките на 40 антитерористички истраги.
ФОТО: Архива