Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска се заложи за одложување на Брегизт за најмногу една година, во писмо упатено до лидерите на 27-те земји членки на Европската унија (ЕУ) во пресрет на утрешниот самит во Брисел, на кој ќе учествува и британската премиерка Тереза Меј.
Премиерката побара одложување на излезот на земјата од ЕУ до 30 јуни, во обид да се најде решение, бидејќи Парламентот трипати го отфрли договорот за разделување постигнат меѓу Лондон и Брисел.
– Нашето досегашно искуство, како и длабоките поделби во рамките на Претставничкиот дом (на британскиот Парламент) ни дава повод да веруваме дека процесот на ратификација на договорот нема да биде завршен до крајот на јуни – наведе Туск во писмото и додаде дека ако не се одобри дополнително одложување на Брегзит, постои опасност од излегување на Велика Британија без договор.
Според него, постои можност за „флексибилно” одложување на Брегзит, но не повеќе од една година. Туск додаде дека на тој начин Велика Британија ќе се повлече од ЕУ кога ќе биде подготвена, наведувајќи дека така ќе се избегне постојаното поставување и одложување на роковите.
Британската премиерка денеска ги посети Берлин и Париз, каде што имаше средби со германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Франција Емануел Макрон. Од нив доби поддршка за повторно одложување на Брегзит.
Излегувањето на Велика Британија од ЕУ требаше да се случи на 29 март, 2019 година, потоа беше одложено до 12 април, ако Парламентот не го усвои договорот за излез на земјата од ЕУ или до 22 мај ако го усвои.