Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска му се заблагодари на бугарскиот премиер Бојко Борисов за успешното претседавање со Европска унија, а како најголемо достигнување ја посочи организацијата и резултатите од Самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија.
– Самитот во Софија беше историски момент за нашите односи со Западен Балкан – изјави Туск на крајот од дводневниот Самит на ЕУ во Брисел.
Тој потенцира дека Бугарија и премиерот Борисов позитивно влијаеле на агендата за проширување на ЕУ во Западен Балкан и го организирале Самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија.
– Во Софија благодарение на Бојко Борисов постигнавме многу специфични политички пораки кога е во прашање европската иднина на целиот регион – истакна Туск, додавајќи дека таквите пораки можеби појасно звучат во регионот отколку во Брисел.
Дека европската перспектива на Западен Балкан станала поконкретна во текот на изминатите шест месеци за време на претседателствувањето на ЕУ оцени и претседателот на Европска комисија, Жан-Клод Јункер.
Европскиот совет во своите заклучоци го поздрави и договорот за името помеѓу македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас и ги потврди заклучоците за проширување на пристапниот процес усвоени од Советот на министри на 26 јуни 2018 година.