Туск-Вучиќ: За иднината на Србија ќе одлучува само Белград

ЕУ е место каде никој никому ништо не наметнува. Затоа вреди на ЕУ да се гледа како на проект со стратешка димензија за просперитет, за висок стандард, демократија, со владеењето на правото и слобода на говорот, безбедност и взаемно почитување со зачувување на националниот идентитет, изјави Туск.

78

Односите на ЕУ и Србија, евроинтеграциите, регионалната соработка и инвестициите беа главни теми на денешната средба во Белград на претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск  со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Главната причина на посета на Белград, како што изјави на прес-конференцијата Доналд Туск е подготовка за Самитот на ЕУ и земјите од Западниот Балкан во мај во Софија. Тој, исто така рече дека сака да ја пренесе пораката дека ЕУ сака да остане најсигурен партнер на Србија и на земјите од Западен Балкан за на Самитот во Софија да се потврди подготвеноста на ЕУ за европската перспектива на регионот.

Тој изјави дека иднината на Србија нема да ја одлучува ниту Москва, ниту Вашингтон, како ни Анкара, ни Брисел, туку самите Срби ќе одлучуваат за својата судбина.

– Ќе одлучува само Белгард. А ЕУ е место каде никој никому ништо не наметнува. Затоа вреди на ЕУ да се гледа како на проект со стратешка димензија за просперитет, за висок стандард, демократија, со владеењето на правото и слобода на говорот, безбедност и взаемно почитување со зачувување на националниот идентитет – изјави Туск.

Тој додаде дека со Александар Вучиќ разговарал и за состојбата на Западен Балкан, истакнувајќи го залагањето на српскиот претседател за дијалог со Приштина, кое е „тешко прашање со голем емотивен набој“, но и дека ова прашање е стратешки избор кој на крај ќе се исплати.

Вучиќ кратко се осврна на косовското прашање, истакнувајќи дека е важно да се дојде до компромисно решение, а најмногу внимание на прес-конференцијата посвети на економските прашања, инфраструктурните проекти и помошта од ЕУ.

– Разговаравме за автопатот Ниш-Приштина кој е значаен и за регионот и побарав да се забрза процедурата во ЕУ и пред крајот на годината да почнеме со изградба на првата делница на овој пат од Ниш до Плочник, која е проценете на 350 милони евра – изјави Вучиќ.

Тој додаде дека со Туск разговарал и за кофинансирањето на гасната интерконеција со Бугарија, за што од ЕИБ Србија има добиено грант од 45,5 милиони евра, како и за доизградба на Клиничкиот центар во Белград, за што ЕИБ ќе даде 200 милиони евра.

На состанокот, Вучиќ и Туск се сретнаа и со претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Вернер Хојер и присуствуваа на потпишувањето на Договорот за финансирање помеѓу ЕИБ и контролата на воздушниот сообраќај на Србија и Црна Гора (SMATSA), во вредност од 126 милиони евра за контролниата кула на аеродромот во Ниш.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...