Европската унија би требало да одвои повеќе од шест милијарди евра за фондот за сириските бегалци и да го забрза приливот на пари, изјави денеска заменикот министер за надворешни работи на Турција Фарук Кајмакчи.
Со парите од ЕУ се згрижуваат околу 3,5 милиони сириски бегалци во Турција, а за возврат Турција вети дека ќе запре понатамошна имиграција во Европа.
– Протокот на пари треба да се забрза и износот на готовина треба да се зголеми – рече Кајмакчи пред новинарите.
– Сѐ додека е присутна кризата, ние мора да работиме заедно. Кога ќе се потрошат, тие шест милијарди евра нема да го решат проблемот – додаде Кајмакчи.
Европската унија, која го основаше фондот во 2015 година, објави дека досега во фондот биле дозначувани над 5,6 милијарди евра, повеќе од 3,5 милијарди евра се договорени, а над 2,4 милијарди евра се исплатени.
Кајмакчи истакна дека сириските бегалци ја чинат Турција вкупно околу 40 милијарди долари.