Турција, Ирак и Курдите тврдат дека помогнале при нападот на лидерот на ИД

148

Турција денеска соопшти дека била во „координација“ со САД пред спроведувањето на американската операција во Сирија, во која, според американските медиуми, убиен е лидерот на терористичката група Абу Бакр ал Багдади, веројатно најбараниот човек во светот.

„Пред американската операција во провинцијата Идлиб во Сирија минатата ноќ, имаше размена на информации и координација меѓу воените власти на двете земји“, се наведува во соопштение од турското Министерство за одбрана.

Американските медиуми, исто така, ја пренесуваат изјавата и на неименуван ирачки разузнавач кој вели дека токму ирачката разузнавачка служба на американската коалиција и ги дала точните координати на локацијата на лидерот на ИД. Ирачката служба ја дознала локацијата на Ал Багдади од документи пронајдени на тајна локација во пустина, во западниот дел на Ирак, откако биле уапсени двајца Ирачани од неговиот „најтесен круг“.

– Таа соработка беше успешна и доведе до конечната цел – убиство на Ал Багдади – изјавил ирачкиот разузнавач.

Од друга страна, командантот на Сириските демократски сили (СДФ) Мазлум Абди денеска изјави дека овие сили, предводени од Курдите, пет месеци работели на заедничка операција со Американците за ликвидација на Ал Багдади.

Постоеше разузнавачка работа на терен и прецизно следење, со цел во заедничка операција да се елиминира терористот Абу Бакир ал-Багдади, напиша на Твитер генерал Абди. Тој се заблагодари на сите кои придонеле за тоа и во твитот го означи американскиот претседател Доналд Трамп.

Според сириската Невладина Опсерваторија за човекови права, која има голема мрежа на терен, американски командоси, со хеликоптери се спуштиле во текот на ноќта во областа Идлиб, каде се неоѓаат групи блиски до ИД.

Си Ен Ен и Еј Би Си јавија за нападот, повикувајќи се на високорангирани функционери, посочувајќи дека се верува оти во нападот е убиен озлогласениот терорист.

Според Си Ен Ен сега се спроведуваат форензички тестови за да се потврди идентитетот. Според некои информации, тој го активирал елекот со експлозив за да се убие во моментот на нападот.

Трамп, вчера на Твитер напиша „Нешто големо штотуку се случи“, а за денеска попладне, по централноевропско време, најави прес конференција, на која ќе соопшти „нешто многу важно“.

Ирачката државна телевизија  денеска соопшти дека ќе емитува снимка од американскиот напад во Сирија во кој е убиен лидерот на Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...