Американските власти мора да го уапсат и испорачаат на Турција командантот на курдските Сириски демократски сили (СДФ) Мазлоум Кобани што влезе во САД, изјави денеска турскиот министер за правда Абдулхамит Гул. Анкара упати остри критики до Вашингтон поради тоа што го третирале како „легитимна политичка личност“.
Зборувајќи пред новинарите, Гул истакна дека Турција бара американските власти да го приведат Мазлоум Кобани штом влезе во САД. Тој рече дека Министерството за надворешни работи го предало барањето до САД, со кое се бара негова екстрадиција.
Американски сенатори вчера побараа од Стејт департментот брзо да обезбеди виза за генералот Кобани, со цел да ја посети САД и да разговара за ситуацијата во Сирија.
Анкара смета дека тој е терорист, поврзан со курдски екстремисти кои подготвуваат бунт во Турција.