Првите коловати електрична енергија од фотоволтаичната централа од 10 мегавати инсталирана на површина на сегашната термоелектрана Осломеј, земјава ќе ги добие наесен следната година. Ова беше кажано на потпишувањето на договорот за изградба на централата меѓу ЕСМ и турската компанија „Гирисим Електрик“.
Турската компанија „Гирисим Електрик“ има рок од десет месеци да ја заврши работата на фотоволтаичната централа која ќе чини 7 милиони евра. Од нив 1,1 милиони евра обезбедува ЕСМ, а 5,9 милиони евра е кредит од ЕБРД.
На тендерот, како што информира директорот на ЕСМ Васко Ковачевски на потпишувањето на договорот меѓу ЕСМ и „Гирисим Електрик“, интерес пројавиле 17 компании, а се јавиле 8 компании. Во постапката се покажало дека турската компанија имала најдобра понуда.
– Операторот има рок од 10 месеци да го заврши инсталирањето на фотоволтаичната централа. Првите киловати од електрична енергија од сонце треба да ги добиеме наесен 2020 година – рече Ковачевски.
Тој најави уште две фотоволтаични централи за наредниот период.
– Веќе работиме и на нови два проекта. Веќе и тоа 10 фотоволтаична централа во Осломеј и подготовка на 20 мегаватна фотоволтаична централа во РЕК Битола – рече Ковачевски.
Мухитин Бехиџ Харманли, претседател на Одборот на директори на „Гирисим Електрик” – компанијата изведувач од Турција рече дека за нив е важна оваа инвестиција.
– Северна Македонија е значајна за нас бидејќи е лесно достапна и обезбедува пристап до 150.милиони потрошувачи – рече Харманли.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на поптишувањето на договорот рече дека термоелктраната Осломеј која произведуваше енергија од загадувачки елементи се трансформира во нов капацитет на производство на енергија од сонце.
Тој најави дека ќе следат уште два тендери за фотоволтаични централи во Осломеј .
– Првиот кој ќе биде објавен за инсталирање на фотоволтаична централа од 10 мегавати кој ќе излезе наредните денови, а на крајот на годината ќе биде објавен тендерот за јавно приватно партнерство за инсталирање на две по 50 мегавати – рече Анѓушев.
Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека овие инвестиции се значајни за заштитата на животната околина и зголемувањето на процентот на произведена енергија од обновливи извори.