Туристичките работници бараат авиоповрзување со Романија

Туристичките работници од македоснија и Романија взаемно ќе се помагаат во привлекувањето на пари од европски фондови наменети за перфекционирање на вработените од оваа економска гранка.

90

Директна авиолинија и системски приод е потребен за да се донесат што поголем број на туристи од Романија, изјави претседателот на Туристичко угоститилската комора при Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Аркан Керим по потпишувањето на  меморандум за соработка со претседателот на Националниот патронат за туристички агенции во Романија Адриан Станчулеску.

– Туроператорите кои веќе ја имаат вклучено Македонија во нивните продажни каталози детектираат интерес кај Романците за неколкудневен зимски туризам за Македонија но и за Балканот, како и за летен туризам, во Охрид. Наша цел е Романските туристи да ја посетуваат Македонија на ранг на полските и холандските туристи, но за реализација на ова покрај близината меѓу двете земји потребен е по системски приод и директна авио линија – изјави Керим.

Станчулеску, пак, смета дека со меморандумот е прв чекот за остварување на соработка помеѓу туристичките агенции од Романија и Македонија.

–  Наредните чекори ќе бидат: взаемна поддршка кон привлекување на пари од европските фондови наменети за перфекционирање на вработените од оваа економска гранка. Во тој поглед, романските компании би можеле да бидат од огромна помош за македонските компании, понатаму отварање нова авионска линија помеѓу Романија и Македонија, со база во Охрид како и взаемна поддршка кон привлекување други пазари, како што предвидуваат истражувањата на Светската Туристичка Организација – рече Станчулески.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во периодот јануари – декември 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 16,6 отсто и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 6,3 отсто, а кај странските има зголемување за 23,5 отсто.

Во периодот јануари – декември 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 12,8 отсто и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 5,2 отсто, а кај странските има зголемување за 22,8 отсто.

Според трговската размена Романија е меѓу десете најголеми трговски партнери на Република Македонија, поточно минатата година била на деветто место, со трговска размена од 422 милиони американски долари, извозот е 176 милиони американски долари, а увозот 246 американски долари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...