Тунтев: Го поддржуваме предлогот Ангеловска Бежовска да биде гувернерка на Народна банка

Станува збор за исклучително значајна позиција во Република Македонија, поради што личноста што ќе застане на чело на НБРМ мора да произлезе преку здрав и аргументиран дијалог помеѓу највисоките државни функционери, за да се дојде до заедничко прифатливо решение за гувернер, вели Тунтев.

402

Пратеничката група на СДСМ има позитивен став за новиот предлог на претседателот Ѓорге Иванов Анита Ангеловска Бежовска да биде гувернерка на Народната банка , изјави денеска координаторот на  групата,Томислав Тунтев.

Тој информира дека конечен став за предлогот на Иванов пратеничката група на СДСМ и Коалицијата ќе донесат во понеделник за кога е закажана координација за разледување на предлогот.

-Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата позитивно гледа на новиот предлог на претседателот Иванов. Лично сметам дека Ангеловска Бежовска, којашто е докажан експерт и професионалец во својата област, ја заслужува нашата поддршка.
Само да потсетам дека не така одамна, лани летото, ние како пратеничка група го искажавме нашиот афирмативен став и ја дадовме нашата поддршка за г-ѓата Анита Ангеловска Бежоска, кога го поддржавме и гласавме за нејзиниот реизбор на функцијата Вицегувернер(ка) на НБМ – вели Тунтев.

Според него, Ангеловска Бежовска има богато искуство и професионални постигања.

-Воопшто не се сомневам дека генералниот став на нашата пратеничка група во врска со овој предлог ќе остане непроменет – дека ќе биде позитивен и дека само ќе биде потврден на претстојната координативна средба на пратеничката група – вели Тунтев.

Тој додаде дека изминатите неколку седмици пратеничката група на СДСМ се надевала дека ќе се најде решение помеѓу претседателот Иванов кој го има правото да предлага гувернер на НБРМ и Парламентот, кој го избира гувернерот со мнозинство гласови од пратениците.

-Станува збор за исклучително значајна позиција во Република Македонија, поради што личноста што ќе застане на чело на НБРМ мора да произлезе преку здрав и аргументиран дијалог помеѓу највисоките државни функционери, за да се дојде до заедничко прифатливо решение за гувернер – вели Тунтев.

СДСМ смета дека на позицијата гувернер е потребно да застане човек кој ќе ја гарантира независноста на институцијата, кој ќе се грижи за развој и унапредување на банкарскиот систем и за финансиската стабилност на државата, и кој ќе работи исклучиво во интерес на граѓаните на Република Македонија.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...