Трудо не се сеќава дека допирал млада новинарка пред 18 години

– Се сеќавам добро на тој ден во Крестон. Добро си поминав, не се сеќавам воопшто на какви било негативни интеракции тој ден – рекол завчера Трудо.

205

Премиерот на Канада Џастин Трудо (46) одговори на обвиненијата дека на музичкиот фестивал одржан пред 18 години ја „допирал“ новинарката која го интервјуирала во времето додека се уште не се занимавал со политика, тврдејќи дека не се сеќава на какви било „негативни интеракции“ тој ден.

Во текот на посетата на покраината Саскечеван, тој одговарал на прашањата во врска со обвиненијата кои датираат уште од 2000 година кога 28-годишниот Трудо, кој во тоа време бил наставник, го посетил музичкиот фестивал „Кокани“ во покраината Британска Колумбија.

Инцидентот наводно се случил на фестивалот на кој се собрани пари за „Лавина фондација“, добротворна организација на која Трудо и се приклучил откако неговиот брат Мишел страдал во лавина во 1998 година. По фестивалот во локалниот весник се појавил напотпишан текст во кој Трудо бил обвинет дека ја „допирал“ и на „неадекватен начин се однесувал“ кон младата новинарка на задача. Во текстот било наведено дека Трудо кон неа покажал „очигледна непочит“ без наведување на деталите што точно се случило.

– Се сеќавам добро на тој ден во Крестон. Добро си поминав, не се сеќавам воопшто на какви било негативни интеракции тој ден – рекол завчера Трудо.

Канадските медиуми на почетокот на годинава стапиле во контакт со жената која била тема на текстот, но таа рекла дека не сака да биде поврзана со таа приказна ниту пак, сака нејзиното име да се појави.

Бившата колешка Валери Бурн, која во тоа време била издавач на локалниот весник, изјавила дека новинарката била „вознемирена“ по контактот со Трудо. Таа рекла дека новинарката го интервјуирала Трудо кога тој ја допирал.

– Беше тоа краток допир. Не би го категоризирала како сексуален напад – навела Бурн, која смета дека текстот кој го обвинува Трудо го напишала самата новинарка.

Тогашниот уредник на весникот Брајан Бел рекол дека тоа што е опишано во уводникот било „дефинитивно неадекватно“.

– Секако верувам дека тоа се случило – рекол Бел.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...