Франција почна да пресметува штетите по моќната бура што ја погоди земјата и во која загинаа три лица, а илјадници домаќинства останаа без струја.
Тројца спасувачи од француската поморска служба за спасување загинаа вчера, кога нивниот брод се преврте во бурното море, откако бурата „Мигел“ го погоди Атлантскиот Океан.
Спасувачкиот брод со седум лица екипаж се преврте на 800 метри од брегот, објави локалното обвинителство. Тројца членови на екипажот починаа, а четворица успеаја да допливаат до брегот.
Тимот се обидуваше да му помогне на рибарски брод кој се борел со гигантски бранови, предизвикани од бурата „Мигел” што ги погоди бреговите со налети на ветрот до 120 километри на час.
Француската Национална компанија за електроснабдување денеска соопшти дека 28.000 домаќинства останале без електрична енергија, при што Нормандија и северните делови на Аквитанија се најзасегнати.
„Повеќе од 1.000 луѓе се мобилизирани во погодените области”, се вели во соопштението.
Во меѓувреме, во Париз еден човек беше сериозно повреден откако дрво падна врз уличната светилка и ја собори. Жртвата е во критична здравствена состоја.