Жители на општина Карпош од недела излегуваат на протести поради деталниот урбанистички план, поднесен од општина Карпош, кој се однесува на населбите Козле, Трнов Дол и Жданец.
Граѓаните реагираат дека во овој дел на општина Карпош постои опасност од лизгање на земјиштето. За тоа, велат, има елаборат од 2010 година, ама, во меѓувреме, ништо не е направено по тоа прашање.
– Дополнително се сомневаме дека сакаат да навлезат во парк-шумата Водно и над „Шпанско Село“, Трнодол и Жданец да направат голема населба – велат мештаните.
Жителите од овој дел на Скопје оценуваат дека Општината не презема ништо да ја спречи опасноста од лизгање на подножјето на Водно, градење згради во заштитен канал од поплави во подножјето на брдото и навлегување со нови градби во парк шумата над постоечките населби. Со еден збор, како што велат од иницијативата која ги организира протестите, се заобиколуват потребите на жителите во овие населби и елаборатите и предупредувања на стручната јавност.
– Градоначалникот манипулира дека со стариот ДУП е возможно да се изградат четири ката и безброј станбени единици, кога во важечкиот ДУП јасно пишува дека населбата е предвидена за семејни куќи по два стана со по четири члена -велат жителите.