Вооружен 28 годишен маж упаднал во продажен објект во Лос Анџелес, околу три часа држел во заложништво педесетина луѓе, пред да им се предаде на полицајците. Во инцидентот, кој се случил вчера, убиена е една жена.
Како што информирале полицајците, два часа пред овој настан, вооружениот маж со седум куршуми ја усмртил својата баба, а повредил и жена која насилно ја турнал во својот автомобил.
Додека траела потерата по него, полицијата и вооружениот човек размениле оган, по што тој удрил во столб, па упаднал во продажниот објект.
Дел од купувачите избегале низ прозорецот, а дел од нив се затвориле во други простории и чекале да пристигнат полицајците, пожарникарите и 18 возила на итната медицинска помош.
По пат на преговори, на полицајците им успеало да го убедат дваесет и осумгодишникот да се предаде и да ги ослободи луѓето кои ги држел во заложништво. Најпосле тој се согласил сам да си стави лисици на рацете и излегол од продажниот објект, со четири заложници околу себе.