Во рамки на програмата „Share“ на фестивалот Танц фест 2018, вечерва во Штип, на сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“ ќе бидат изведени три претстави, „Егзистирање“ во која учествуваат студентите на Катедрата за современ танц при УГД, Македонија, со три кратки кореографии: „What happened to … self?“ на Јакуб Мунко, „without STOP“ на Mатеа Киселичка, и „Егзистирање“ на Рисима Рисимкин, чиј асистент на кореографија е Александра Петрушевска. Музиката за „Егзистирање“ се изведува во живо од тројца музичари: Виктор Филиповски, Владимир Трпковски, Марко Трендафиловски.
Во трите кореографии настапувaат: Јована Зајкова, Сара Цветковска, Тереза Лазарев, Артемиса Морина и Бобан Русески.
Втората претстава која ќе се изведе е на Академијата за музика и театар од Литванија, под наслов „Бдеење“ во кореографија на Витис Јанкаускас, а настапуваат: Клое Фриер, Маделина Џеферсон, Егле Калибатите и Моника Војсните.
Последната изведба ќе биде на „Антон Брукнер“ Универзитетот од Линц, Австрија. Тоа се три кратки кореографии: „Малиот страв“ во кореографија на Дамијан Кортис Алберти, кој воедно е и изведувач. Следува „Времето истече!“ во кореографија на Естер Петрани и за крај публиката ќе ја види „(sw)allow“ во кореографија на Каи Чун Чуанг.
Програмата „Share“ овозможува нови контакти со високообразовните институции кои учествуваат, со кои УГД ќе потпише договор за соработка, со што ќе се отворат нови хоризонти во високото образование за млади, современи танчери во Македонија.
Студиската програма при Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ ја води вонреден професор д-р Рисима Рисимкин. Програмата е дизајнирана во соработка со престижната Академија за современ танц од Ротердам, при Кодартс Универзитетот во Холандија. Студентите имааат можност за изучување на современ танц, импровизација и композиција, класичен балет, како и теоретски програми, со што ќе се здобијат со одлични вештини како современи танчери во областа на уметничкиот танц. Студентите имаат пракса во соработка со Скопје танцовиот театар, што им овозможува настапи во Македонија и во странство, како дел од извонредното искуство кое го стекнуваат за време на студиите. Во сезоната 2017/2018, студентите на Катедрата за современ танц при УГД имаа можност да одат на гостувања, како стажанти со Скопје танцовиот театар во Чуанџо, Кина и на еден од најпрестижните светски фестивали за танц, Holland Dance Festival, во Хаг, Холандија.
Академијатa за музика и театар од Литванија е интернационална, високообразовна институција во која се обучуваат уметници, кои се насочуваат кон професионална кариера во музиката, театарот, танцот и филмската уметност. Академијата нуди програми за дидактички дисциплини, арт менаџмент и уметнички истражувања, кои во комбинација со уметничка и креатвина практика ги прават програмите престижни.
Студентите се обучуваат во насока на обуки, истражувања и уметнички практитки во креациите и изведбите, импровизации и соработки со креативни индустрии, што им дава отвореност кон иновации и постојан развој. Танцовиот оддел е најмладиот оддел на оваа академија. Тој започна под закрила на театрските студии, за денес да нуди две специјализирани програми на додипломски студии: за класичен и современ танц, како и можност за избор на педагоогија за танц. Студентите имаат можност да работат со кореографи, да изучуваат различни техники и стилови, како: класичен балет, неокласичен балет, модерен и современ танц. Воедно има можност за дополнителни студии на актерска игра, сузуки тренинг, танцов репертоар.
Секоја година студентите работат на различни кроеграфии или изучуваат нови движења, импровизација и техники, како: Греам техника, Буто, Јога, Фелденкраис метод, и други. Танчерите соработуваат со други уметници, посебно со музичари. На годишно ниво, тие учествуваат во мрежата „Истражувања и соработка во уметностите“, што им отвора нови хоризонти и иновативни интредисциплинарни соработки.
„Антон Брукнер“ универзитетот од Линц, Австрија е отворен, иновативен центар за уметности, каде што идните студенти се обучуваат преку индивиуализирана настава за музика, драма и танц. Институтот за танц нуди професионална обука за танчери за: класичен балет, современи танцови техники, како и уметничка разноврсност со истакнати професори од Австрија и странство. Програмата им овозможува на студенттие да се насочат кон професионални кариери, преку комбинирана програма за уметнички развој и педагогија. Во Институтот за танцова уметност, се обучуваат околу осумдесет студенти од различни земји: Австрија, Германија, Полска, Чешка, Србија, Франција, Кина, Колумбија, САД, Индија, Јапонија и други.
Во рамките на фестивалот Танц Фест 2018, а во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, од 19 до 21 април, ќе се одржи програмата насловена „Share“ на која ќе учествуваат девет европски академии и танцови универзитети, и тоа „Антон Брукнер“ универзитетот од Линц и „Универзитетот за музика и уметност на Градот Виена“ од Австрија; „Академијата за култура“ од Латвија; „Академијата за музика и театар“ од Литванија;„Национална академија за театарска уметност“ во Краков – Танцов оддел во Битом, Полска, Конзерваториумскиот центар „Данкан“ од Прага, Чешка; Академија за современ танц од Будимпешта, Унгарија; Академијата за изведувачки уметности од Братислава, Словачка и Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Македонија.