Три водечки проевропски ориентирани конзервативни пратенички во британскиот Парламент, денеска соопштија дека ја напуштаат владејачката Конзервативна партија на премиерката Тереза Меј, незадоволни од владината политика за Брегзит.
Како што јави ДПА, трите пратенички Хајди Ален, Ана Собри и Сара Воластон во заедничко писмо до Меј наведуваат дека „чувствуваат оти повеќе не можат да останат во партија, чија Влада има политики и приоритети, што се силно под контролата на ЕРГ (Европската истражувачка група) и ДУП (Демократската унионистичка партија)“.
Европската истражувачка група ја сочинуваат 80-тина евроскептични пратеници од редовите на Конзервативната партија, додека ДУП е протестанстка партија од Северна Ирска, која е жесток приврзаник на Брегзитот и од чија поддршка зависи опстојувањето на малцинската Влада на Меј.
Ален, Собри и Воластон најавија дека планираат да останат членки на Парламентот и да дејствуваат како независни пратенички, соработувајќи со Независната група, што ја формираа осуммина проевропски ориентирани поранешни пратеници на опозициската Лабуристичка партија.
– Брегзитот ја редефинираше Конзервативната партија и ги уништи сите напори за нејзино модернизирање. Не успеавме да и се спротивставиме на тврдокорната ЕРГ, која отворено функционира како партија во партија, со свој лидер, координатор и политика – наведуваат трите пратенички во писмото.
ФОТО: EPA / PETE SUMMERS