Тридневна национална жалост во Грција за жртвите од пожарите

- Денес Грција жали и во сеќавање на оние што загинаа, прогласуваме тридневна национална жалост - рече Ципрас

115

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска прогласи тридневна национална жалост за 50 жртви од пожарите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас во телевизиското обраќање до јавноста рече дека „не постојат зборови што ќе ги опишат чувствата на сите, а земјата живее неопислива трагедија“.

– Денес Грција жали и во сеќавање на оние што загинаа, прогласуваме тридневна национална жалост. Но, не треба да дозволиме жалоста да не освои, затоа што овие часови, се часови на борба, обединетост, храброст и пред се солидарност, затоа што само така, само сите заедно, можеме да застанеме пред трагедијата, рече Ципрас, кој потенцираше дека „Грција поминува еден од најтешките моменти“.

Грчкиот премиер лично се обврза дека никој нема да биде заборавен и никој нема да остане без помош од државата, но и ништо нема да остане неодговорено.

По наредба на обвинителката на Врховниот суд на Грција, Ксени Димитриу ќе биде спроведене истрага за причините за пожарите. Обвинителката побарала да се спроведе истрага за се што е поврзано со пожарите.

Портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос денеска го соопшти билансот на жртвите од пожарите до 11.30 часот по локално време (10.30 часот по средноевропско време), според кој загинале 50 лица, а пак 172 се повредени, од кои 11 сериозно.

– До овој момент во болниците во Атика, згрижени се 156 возрасни лица, од кои 11 се во сериозна состојба и се поврзани на апарати и 16 деца чии животи не се во опасност. Во овој момент, за жал бројот на жртвите е 50 лица. Противпожарната служба, во соработка со полицијата продолжува со тешката задача на евиденцијата и информирањето ќе биде континуирано. Од друга страна, бродови на крајбрежната служба и нуркачки единици ја проверуваат областа за пронаоѓање на можни заглавени, додека до овој момент, извлечени се вкупно 715 луѓе, главно од областа Мати, рече Ѕанакопулос.

Тој додаде дека во спасувачката акција по море учествувале 12 брода на крајбрежната служба, 30 приватни чамци, како една фрегата, два воени брода, три хеликоптери и три глисери на Воената морнарица.

Грчкиот Совет за одбрана испрати специјално обучени членови на армијата и Националната гарда во помош на патролите на цивилната заштита за спречување пожари. Седницата на Советот ја свика министерот за одбрана Панос Каменос откако надлета област источно од Атина.

Советот одлучи грчки и сојузнички дронови да собираат податоци од делови од државата кои се уште се под посебен ризк од пожари или намерно подметнуавње пожари. Мерките се воведуваат по шпекулации дека огненета стихија во источна Атика, како и неколкуте пожари во регионот на Коринт се подметнати.

Првиот пожар беше регистриран во четвртокот, а во изминатите 24 часа се појавија пожари и во источна Атика и се проширија на туристичките места Мати, Рафина, Неос Воуцас и Пентели. Во западна и источна Атика, областите што вчера беа погодени од пожарите, прогласена е вонредна состојба.

Во изминатите 24 часа, од 6 часот вчера, до 6 часот утрово, во Грција биле регистрирани 47 пожари.

Откако доцна синоќа грчкиот претседател Прокопис Павлопулос беше информиран од грчкиот премиер за трагичните последици од пожарите, одлучи да ја откаже свеченоста по повод 44-годишнината од возобновата на демократијата во Грција.

Трагичниот исход од пожарите беше причина претседателот на грчкиот парламент Никос Вуцис да даде наредба знамето на Законодавниот дом на Грција денеска да се вее на половина копје во знак на жалост.

Природните катастрофи не познаваат граници и ги надминуваат споровите, соопшти грчкото Министерство за надворешни работи и им се заблагодаруваат на сите за понудената помош и изразената поддршка и солидарност.

– Ја изразуваме нашата искрена благодарност до министерот за надворешни работи на Турција, Мевљут Чавушоглу и на ПЈРМ, Никола Димитров за нивната брза реакција да понудат воздушни средства за гасење на смртоносните пожари во Атика, соопшти Министерството за надворешни работи на Грција.

Министереството им се заблагодаруваат и на Кипар, Израел, Шпанија и Европската комисија за понудената помош, но и на „сите пријатели и партнери кои изразија сочувство и солидарност со драмата на грчкиот народ“.

Помош понудил и градоначалникот на град Скопје, до неговиот колега од општина Атина.

– Со градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис контактираа градоначалниците на Тирана, Ерион Велај и на Скопје, Петре Шилегов, кои ја изразија нивната огромна поддршка за она низ што поминува Атика, како и нивната намера за итна помош преку Атина, за да погодените области. Каминис, им се заблагодари за солидарност што ја демонстрираат и договорија нов контакт за следните чекори, соопштуваат од кабинетот на Каминис.

Во Грција, постои стравување дека во текот на денот, ќе се зголеми бројот на жртвите.

Цела ноќ, до рано утрово траеше акцијата за спасување на луѓето заглавени на плажите во месноста Рафина во источниот дел на областа Атика. Со приватни чамци и бродови, со бродови од редовните линии меѓу Атина и грчките острови, со фрегата и воени бродови од Министерството за одбрана на Грција и на грчката крајбрежна служба, се спасуваа граѓани по морски пат.

Според заменикот министер за поморство Некатариос Санторињос, вкупно 639 лица биле спасени, додека пак според министерот за одбрана на Грција, воената фрегата „Ели“, спасила 72 лица.

Околу 1 часот по полноќ во Атина влезе и последниот автобус со евакуираните 621 деца од летните кампови во организација на општина Атина.

Грција вчера побара меѓународна помош, преку механизмот на ЕУ, позитивно одговориле Шпанија и Кипар, а помош ќе добие и од САД, по упатеното барање од министерот за одбрана.

Грчкиот премиер, како што вчера објави МИА, ја прекина посетата на Босна и Херцеговина и не учествуваше на манифестацијата во Мостар и се врати итно во Атина. Кусо пред полноќ Ципрас го посети центарот за справување со кризи на грчката противпожарна служба, каде што со министрите од владата одржаа состанок и беше информиран за ситуацијата и рече дека е „тешка ноќ за Грција“.

Во гаснењето на пожарите, учествувале над 600 пожарникари со над 400 возила , седум авиони „канадери“ и 10 хеликоптери. Активни беа три жаришта, додека пак утрово, пожарот иако е ставен под контрола, се уште не е целосно изгасен.

Пожарот во источна Атика е најголем во Грција од оној во 2007 година што го зафати Пелопонез. Во пожарот досега се уништени над 100 куќи и 200 возила.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...