Третина од корисниците не ја знаат тарифата во роаминг

Мал дел од испитаниците (17 отсто) што знаат што е роаминг слушнале за договорот за регионален роаминг и од нив 20,4 отсто го користеле. Мнозинството од корисниците на регионален роаминг (80 отсто) сметаат дека тој е значително поевтин.

162

Речиси една третина (29 отсто) од корисниците на роаминг од Македонија не ја знаат тарифата кога ја користат услугата, покажува последното истражување на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Во последните 12 месеци 18 отсто од населението користело роаминг. Мал дел од испитаниците (17 отсто) што знаат што е роаминг слушнале за договорот за регионален роаминг и од нив 20,4 отсто го користеле. Мнозинството од корисниците на регионален роаминг (80 отсто) сметаат дека тој е значително поевтин.

Најслабо запознаени со роамингот се лицата што имаат основно или пониско образование (54,7 отсто не знаат што е роаминг) и лицата постари од 60 години (54,6 отсто не знаат што е роаминг). Повеќе од половина од испитаниците (59,3 отсто) што знаат што е роаминг не знаат дали имаат добра понуда за роаминг од својот оператор.

Според податоците од испитувањето на АЕК, во Македонија мобилна телефонија користи 95,8 отсто од населението, од кои 64,1 отсто користат мобилен интернет, што е зголемување во однос на лани.

Задоволството кај тие корисници во однос на брзината на мобилниот интернет останува релативно иста (86 отсто), а цената и квалитетот се исто така на високо ниво како и во 2017 година.

Оне.ВИП, како што стои во наодите од испитувањето, е перцепиран како главен оператор кај 52,8 отсто од корисниците на мобилна телефонија, Македонски Телеком кај 46,5 отсто, а Lycamobile кај 0,9 отсто од корисниците. Процентот на корисници што се со двегодишен договор бележи мал пад од 1,7 отсто во однос на 2017 година и изнесува 58,4. Мнозинството од корисниците што склучуваат договор доплаќаат за телефонски апарат (46,2 отсто) или пак го добиваат бесплатно (31,8 отсто) од испитаниците.

Телефонски приговори упатиле 11,8 отсто од корисниците на мобилна телефонија, а бројот на незадоволни корисници од одговорот е намален за 10,6 отсто во однос на 2017 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...