Реконструкцијата на повеќе клучни улици во Скопје предизвикува нервоза и нетрпение кај граѓаните, особено по почетокот на учебната година. Скопјани како веќе да се при крај со нервите, бидејќи поради сообраќајниот хаос, предизвикан од затворените улици, доцнат на работа. За ваквата ситуација во метрополата граѓани се жалат до Плусинфо.
– Од Кочо Рацин, која се асфалтира уште, не пренасочија кај Судска палата, со 15-ка тргнав од Нов Аеродром, па сврте лево накај ГТЦ, по улицата Филип Втори Македонски, но и таму сообраќаец не дозволи да се продолжи право па десно накај Рекорд, туку ги симнаа сите патници кај Дрводекор. Пешки продолживме кон улица Македонија, во центар, и кај Рекорд беше блокирана Иво Лола Рибар поранешна, па пеш пак, до Стара железничка (кај Рамстор) каде се движеа 3-ка, 5-ка, 9-ка … И така изгубив цел час за да стасам на работа. Има ли крај на овој сообраќаен хаос во Скопје? Зошто улиците не ги асфалтираат ноќе, на пример? – реагира скопјанка.
Покрај нервозите кои им штетат на здравјето, граѓаните дополнително се жалат и на прашината која ја оства зад себе градежната механизација.
Плусинфо побара став од Град Скопје за ваквите поплаки и праша кога се очекува да бидат готови работите на улиците во Центар.
– Градот работи на поголем број на локации во насока на подобрување на сообраќајната инфраструктура во Скопје. Големите градежни зафати секогаш се извршуваат во летниот период бидејќи во овој период на годината градот има најмал број на жители (завршена училишна година, годишни одмори…) и полесно се извршуваат градежните работи и бројот на возила е значително помал. Бидејќи сезоната е релативно куса, понекогаш мора да се прават поголем број зафати симултано кои дополнително го отежнуваат одвивањето на сообраќајот, но доколку овие градежни работи не се завршат во текот на летото, истите ќе се одвиваат во сезона кога има многу повеќе жители и возила, и метежот ќе се зголеми неколкукратно – велат од Градот.
За таа цел, како што велат од Градот, како никогаш досега се работи плански и брзо, каде неколку улици се реконструираа целосно за 10 до 25 денови.
– Дополнително, за првпат Град Скопје бара и инсистира градежните работи кои бараат целосно затворање на сообраќајниците (асфалтирање, завршни работи, поставување на хоризонтална сообраќајна сигнализација…) да се вршат за време на викенди и навечер, за што ја информиравме јавноста со голем број на соопштенија. Нашите компании не се секогаш подготвени технолошки во целост да одговорат на овие барања, но оваа година вакви вечерни градежни активности беа спроведени на булевар Партизански одреди, Кочо Рацин, Лазар Личеноски, Крсте Мисирков и други. Во однос на чистотата, екипите на ЈП „Комунална Хигиена“ во текот на целиот ден спроведува машинско миење на градски булевари и улици. Миењето со цистерни ќе продолжи континуирано во текот на ноќта и наредните денови – одговорија оттаму.