Транспортерите бараат да се укинат „црвените ленти“

Најголеми проблеми има со чекањето на граничните премини, каде има и 20-километарски колони.

194

Забрзувањето на протокот на стоката со олеснување и поедноставување на процедурите на границите за превозниците е клучно за да може патниот транспорт да има вистински придонес во развој на економијата и животот на луѓето. Главни заложби во таа насока на транспортните асоцијации се елиминирање на „црвените ленти“ за превозниците, укинување на тарифните бариери, визните режими, исфрлањето на документите и дигитализацијата на процедурите и соработка со властите воопшто за осовременување на сите транспортни процеси.

Тоа се дел од пораките изнесени на Генералното собрание на Унијата на патни транспортни асоцијации од Црноморскиот Регион – BSEC-URT, што се одржува денеска во Скопје во организација на транспортната асоцијација СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ.

– Најголеми проблеми има со чекањето на граничните премини, каде има и 20-километарски колони. Воведена е дигитализација на Царината, а друга мерка е заедничкото гранично управување со Србија. Исто така, дадовме сугестии за да се овозможи таков проток на стока и со Албанија. Генерално, кога би се исфриле документите и се би било дигитализирано целиот процес на движење на транспортерите би бил побрз – изјави Лефтер Андоновски, претседател на АМЕРИТ.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески истакна дека патниот транспорт има големо учество во креирање на бруто домашниот производ и дека е неопходно постојано да се создаваат услови за негово подобрување.

– Имајќи предвид дека веќе сме усогласени и со регулативата за работното време за возачите кои поседуваат дигитални тахографи пред нас стои нов  предизвик. Од оваа година во земјите во ЕУ почна користење  на смарт тахографи. Ние сѐ уште немаме обврска да ги користиме тој тип тахографи, но мораме да се подготвиме за новите дигитални времиња и полека да се усогласиме со европската регулатива и во тој дел – нагласи Сугарески.

Генералниот секретар на ИРУ, Умберто Де Прето оцени дека е добро што во државава има развиена свест и политичка подготвеност дека за да ја подобриме економијата и прашањата од животната средина ни треба добро решение за транспортот.

– Еден од тие начини е развојот на јавно-приватно партнерство, а доказ за тоа е соработката со АМЕРИТ. Многу сум задоволен што Северна Македонија сака да соработува со АМЕРИТ и со БИСЕК и да се отвори плодна зона на сорабока во БИСЕК земјите и земјите од Блискиот исток – изјави Де Прето.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...