Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека е постигнат напредок во разговорите со Мексико за запирање на приливот на мигранти во САД, но додаде дека доколку не дојде до договор, во понеделник ќе почне наплата од пет отсто царина за мексиканска стока.
– Расправата за миграцијата во Белата куќа со претставници на Мексико заврши за денеска. Има напредок, но не е доволно, напиша вчера Трамп на Твитер.
– Разговорите со Мексико ќе продолжат утре со разбирање дека, доколку не дојде до договор, во понеделник почнуваат царините од пет отсто, со месечно зголемување според распоред, додаде тој.
Мексиканскиот министер за надворешни работи Марчело Ебрард изјави дека состанокот бил фокусиран на миграциските текови и она што Мексико се обидува да го направи за да ги забави.
– Денеска не расправавме за тарифи, рече Ебрард на прес-конференција по состанокот со американски функционери во Вашингтон.
Трамп претходно најави зголемување на царините од пет проценти, со понатамошен раст до 25 отсто во текот на годината, на целата увезена стока од Мексико со цел да изврши притисок врз државата да ги запре мигрантите кои незаконски преминуваат преку јужната американска граница.