Американскиот претседател Доналд Трамп денеска потпиша декрет со кој официјално го призна израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина, која Израел ја презеде од Сирија за време на Арапско-израелската војна во 1967 година.
– Ова се подготвуваше долго време. Тоа требаше да се случи пред многу децении, изјави Трамп додека го потпишуваше декретот во Белата куќа во присуство на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, додавајќи дека односите меѓу САД и Израел „никогаш не биле толку силни“ како што се сега.
Нетанјаху, од своја страна, изјави дека ова е „навистина историски ден“, нагласувајќи дека Израел никогаш нема да се откаже од Голанската Висорамнина.
Трамп уште минатата недела на Твитер објави дека дошло време САД да го признаат израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина.
– По 52 години, време е САД да го признаат целосниот израелски суверенитет над Голанската Висорамнина, која е од клучна стратешка и безбедносна важност за Државата Израел и за регионалната безбедност, објави Трамп во четвртокот.
Уште по најавата на Трамп за можното признавање на Голанската Висорамнина како израелска територија, во петокот се огласи портпаролката на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, Маја Коцијанчич, која изјави дека Европската Унија не ја признава оваа област за дел од Израел.
– Позицијата на ЕУ не е променета. Европската унија, согласно меѓународното право, не го признава суверенитетот на Израел над териториите окупирани во 1967 година, вклучително и на Голанската Висорамнина, и не ги смета за дел од израелската територија, изјави Коцијанчич.
Израел презеде контрола над Голанската Висорамнина во текот на арапско–израелската Шестдневна војна, што траеше од 5 до 10 јуни 1967 година. По ова, Израел во 1981 година прогласи анексија на Голанската Висорамнина, што не беше признато од меѓународната заедница.