Трамп со указ ги приземји авионите „Боинг 737 Макс“ во САД

525
Photo: EPA / JIM LO SCALZO

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска потпиша указ со кој и се наредува на Федералната администрација за авијација (ФАА) итно да ги приземји сите авиони „Боинг 737 Макс“ кои се уште се во употреба во САД.

Според него, одлуката е донесена врз основа на најнови сознанија за безбедност на овие патнички авиони и по разговорот со генералниот директор на компанијата „Боинг“, Денис Муленбург, министерот за транспорт, Елен Чао и вршителот на должност раководител на ФАА, Даниел Елвел.

– Тие се согласни со овој чекор. Секој авион што моментално е во лет треба да долета до предвидената дестинација и да биде приземјен до следните инструкции – изјави Трамп денеска во Белата куќа.

Одлуката е спротивна на досегашните позитивни ставови во САД за најновиот модел на авионот на „Боинг“ што по катастрофата во Адис Абеба, Етиопија, во која загинаа сите 157 патnици и членови на екипажот, беше приземјен речиси насекаде низ светот. Слична несреќа со истиот модел на авион се случи пред пет месеци во Индонезија.

Дека постојат најнови сознанија во однос на прашањето по безбедноста на најновиот модел на авиони од Боинг, потврдија и од ФАА.

– ФАА нареди привремено приземјување на „Боинг 737 Макс“ во употреба од американските авиокомпани на територијата на САД. Одлуката е заснована на досега собраните податоци и новите сознанија од местото на несреќата, собрани и анализирани денеска, како и од најновите сателитски информации – соопштија од ФАА.

Од „Боинг“ одлуката ја оценија како „доволно внимателна“.

Од 370 патнички авиони од типот „Боинг 737 Макс“ пуштени во употреба од авиокомпании насекаде низ светот, 74 се на американски превозници.

Фото: EPA/JIM LO SCALZO

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...