Американскиот претседател Доналд Трамп ги пофали членките на НАТО поради нивното зголемување на финансиските придонеси кон Алијансата, но ги повика да издвојуваат повеќе средства, наведувајќи дека САД и натаму имаат диспропорционален удел во трошоците на одбрана на Европа.
Трамп, кој претходно навести дека САД би можеле да се повлечат од НАТО ако нејзините членки значително не ги зголемат издвојувањата за одбрана, ја истакна Германија како земја која недоволно го зголемила финансискиот придонес, пренесува Ал Џезира.
– Германија не го плаќа својот дел. Имам симпатии кон Германија, но тие не плаќаат онолку колку што би требале. Ние плаќаме голем дел од трошоците на НАТО, кој во основа ја штити Европа – изјави Трамп по средбата во Белата куќа со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
– Работиме на тоа некои од нашите сојузници да почнат да го плаќаат својот дел – истакна Трамп.
Столтенберг му се заблагодари на Трамп за неговата „силна посветеност на НАТО“ и на тоа што ги поттикнува членките на Алијансата да ги зголемат издвојувањата.
Финансиските издвојувања на 29-те членки на НАТО, кои беа намалени по крајот на Студената војна, почнаа да се зголемуваат од 2014 година, пред Трамп да стане претседател на САД.
По руската анексија на украинскиот полуостров Крим, членките се согласија да ги зголемат буџетите за одбрана и до 2024 година да почнат да одвојуваат по два проценти од бруто домашниот производ за трошоците за одбраната.
САД трошат околу 3,4 отсто од БДП за одбрана.
Столтенберг истакна дека до крајот на 2020 година, зголемувањето ќе изнесува 100 милијарди долари.
ФОТО: EPA / ALEX EDELMAN / POOL