Трамп отвори нов фронт за Голанската Висорамнина

173
ФОТО: EPA / MICHAEL REYNOLDS

Кремљ денеска соопшти дека се надева оти повикот на американскиот претседател Доналд Трамп за признавање на суверенитетот на Израел над Голанска Висорамнина ќе остане само апел.

– За сега тоа е само апел. Се надеваме дека ќе остане на тоа – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој додаде дека изјави слични на повикот на Трамп се ризик за сериозно дестабилизирање на Блискиот Исток и се спротивни на напорите за изнаоѓање на мирно решение за судирите во регионот.

Претходно и Иран и Сирија реагираа на изјавата на Трамп за Голанската Висорамнина.

– Изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за признавање на суверенитетот на Израел над Голанската Висорамнина е неприфатлива. Ова нелегално и неприфатливо признавање не го менува фактот дека Голан ѝ припаѓа на Сирија – изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи.

И Сирија ја осуди изјавата на Трамп. Сириската Влада наведе дека е одлучна со „сите средства“ повторно да ја врати контролата над Голанска Висорамнина.

– Изјавата на Трамп покажува слепа пристрасност на САД кон Израел, но реалноста е дека Голанската Висорамнина е и ќе остане сириска и арапска. Сириската нација е уште поодлучна да го ослободи оваа вредно парче сириска територија користејќи ги сите средства – се наведува во соопштението од сириската Влада.

Трамп вчера на Твитер објави дека е време да се признае суверенитетот на Израел над Голанската Висорамнина.

– По 52 години време е САД во целост да го признаат израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина, што е од клучно стратешко и безбедносни значење за државата Израел и регионалната стабилност – напиша Трамп на Твитер.

Израел ја освои Голанската Висорамнина од Сирија за време на шестдневната војна во 1967 година, а подоцна ја анектира областа.

Шестдневната војна позната и како Арапско-израелска војна се водеше помеѓу Израел од една страна и Египет, Јордан и Сирија од друга страна. На крајот од војната Израел под своја контрола ги стави Појасот Газа, Синајскиот Полуостров, Западен Брег и Голанска Висорамнина.

ФОТО: EPA / MICHAEL REYNOLDS

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...