Трамп и Макрон инсистирале на тоа дека повторна употреба на хемиско оружје во Сирија не треба да се толерира

103

Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот француски колега Емануел Макрон вчера телефонски разговарале за повлекувањето на американските војници од Сирија, соопшти Белата куќа.

– Двајцата разговарале за ситуацијата во Сирија, вклучувајќи ја и обврската на САД и Франција да ја поразат Исламска држава и да се подготват за внимателно и координирано повлекување на американските трупи од Сирија – се вели во соопштението.

Според Белата куќа, Доналд Трамп и Емануел Макрон, исто така, инсистирале на тоа дека „повторна употреба на хемиско оружје во Сирија не треба да се толерира“.

На 19 декември минатата година Трамп најави повлекување на американските сили ангажирани во Сирија, односно на околу 2.000 војници. Француското Министерство за надворешни работи соопшти дека Париз бил во контакт со Вашингтон во врска со распоредот на повлекување на американските сили од Сирија. Од своја страна, Макрон ја критикуваше одлуката на американскиот претседател, велејќи дека еден сојузник треба да биде „сигурен“ и “„да се координира со другите сојузници“.

Пред телефонскиот разговор, Трамп истакна дека не се премислил за повлекување на војниците од Сирија, но сугерираше дека операцијата може да потрае.

Од своја страна, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган истакна дека повлекувањето на САД може да се спроведе само со внимателна подготовка и со помош на „добри партнери”.

– Претседателот Трамп ја донесе вистинската одлука за повлекување од Сирија. Меѓутоа, повлекувањето на САД мора внимателно да се подготви и спроведе во соработка со вистинските партнери за да се зачуваат интересите на Вашингтон, меѓународната заедница и сирискиот народ – истакна Ердоган.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...