Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека САД не биле „вмешани“ во вчерашната експлозија на ракета во иранската провинција Семнан, 240 југоисточно од Техеран.
Во твит со снимки од сателит, Трамп вели дека „катастрофална несреќа“ се случила за време на „последните подготовки“ за лансирање на ракетата „Сафир“.
– Му посакувам на Иран најдобри желби и среќа во утврдувањето што се случило, напиша Трамп.
Иранските државни медиуми и официјални лица сè уште ништо немаат објавено за инцидентот во „Вселенскиот центар имам Хомеини“ во провинцијата Семнан, но сателитските слики на компанијата Планет лабс покажуваат црн облак чад над рампата за лансирање, со најверојатни изгорени остатоци од ракета.
Ова укажува на тоа дека Иран годинава претрпе и трет неуспешен обид за лансирање, коментираат светските агенции.