Трамп: ЕУ со години ги искористува САД во трговијата

550
EPA-CHRIS-KLEPONIS

Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека САД ќе воведат царини на производи вредни 11 милијарди долари од ЕУ, еден ден откако американските трговски власти предложија попис на европски производи на кои ќе целат поради тековниот спор околу Боинг и Ербас.

– Светската трговска организација смета дека европските субвенции за Ербас негативно влијаеле на САД, која сега ќе воведе царини на европски производи со вредност од 11 милијарди долари. ЕУ со години ги искористува САД во трговијата. Ова наскоро ќе престане! – напиша денеска Трамп на Твитер.

Двете страни се наоѓаат во долгогодишен глобален трговски спор поради меѓусебните обвинувања за незаконски субвенции за произведувачите на авиони Ербас, со седиште во Холандија и американскиот Боинг, а со цел да им обезбедат предност во авио-индустријата.

Американскиот претставник за трговија Роберт Лајтхајзер вчера најави воведување царини како одмазда за субвенциите за европскиот произведувач на авиони.

САД и ЕУ се во спор од 2004 година со взаемни обвинувања за нелегална помош на авиогигантите Боинг, односно Ербас, кој со години се води во СТО.

Во март 2012 година СТО утврди дека субвенциите за Боинг, вредни повеќе милијарди долари, биле незаконски, поради што апелираше на САД да ги запре. Но, неколку месеци подоцна, ЕУ поднесе нова тужба пред СТО, тврдејќи дека Вашингтон не ја почитува изречената препорака.

Субвенциите на кои се жали ЕУ, му овозможиле на Боинг своите авиони да ги продава поевтино во однос на европскиот ривал Ербас, посочи неодамна Европската комисија, дополнувајќи дека очекува Вашингтон веднаш да ја спроведе одлуката на СТО.

Во меѓувреме, неименуван европски функционер денеска најави одмазда поради субвенциите кои Вашингтон му ги дава на Боинг.

Фото: EPA/CHRIS KLEPONIS

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...