Американскиот претседател Доналд Трамп ја поздрави одлуката на Северна Кореја да го уништи нуклеарниот полигон.
– Северна Кореја објави дека ќе го исклучи и уништи полигонот за нуклеарно тестирање овој месец, пред големиот самит. Ви благодариме, многу паметен чекор – наведе синоќа Трамп на Твитер.
Како што претходно јави МИА, севернокорејското Министерство за надворешни работи соопшти дека кон крајот на овој месец ќе одржи церемонија на затворање и уништување на полигонот за нуклеарно тестирање.
Зависно од временските услови, уништувањето на полигонот ќе се спроведе меѓу 23 и 25 мај, со цел да се одржи ветувањето дека Пјонгјанг ќе прекине со нуклеарните тестирања. Предвидено е тој настан да биде симболичен и драматичен, со што ќе постави основа за средбата меѓу севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и американскиот претседател Доналд Трамп, која е закажана за 12 јуни во Сингапур.
Министерството наведува дека сите тунели на полигонот Пунгери ќе бидат уништени со експлозиви, а ќе бидат отстранети и набљудувачките и истражувачки објекти, како и копнените единици.
Северна Кореја планира да им испрати покани на новинари од САД, Јужна Кореја, Кина, Русија и Велика Британија, кои ќе можат да присуствуваат на настанот.