Намерата на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на поголем дел од силите на САД од Авганистан, е причина за најавената оставка на секретарот за одбрана Џејмс Матис, тврдат американските медиуми.
Според висок претставник на американската Администрација, кој побарал анонимност, Трамп донел одлука за „значително повлекување“ на силите на САД од Авганистан.
Истиот извор тврди дека ваквата одлука Трамп ја донел во вторникот, кога го најави и повлекувањето на американските сили од Сирија, со што не се согласува Матис, кој затоа и решил да се повлече од функцијата.
„Волстрир Џурнал“ наведува дека, според одлуката на Трамп, се предвидува повлекување на 7.000 од вкупно 14-те илјади американски војници од Авганистан, кои се дел од Мисијата на НАТО за поддршка на авганистанските безбедносни сили во борбата против талибанските бунтовници и припадниците на џихадистичката група Исламска држава (ИД).
Одлуката за преполовување на бројот на американските војници во Авганистан, доаѓа во време кога САД се обидуваат да постигнат мировен договор со талибанците.
Според аналитичарите, повлекувањето на американските сили од Сирија и Авганистан би можело да има сериозни геополитички последици во двата региони.
Под влијание на Матис и други влијателни воени советници, Трамп лани неволно се согласи на испраќање дополнителни неколку илјади американски војници во Авганистан, откако талибанците почнаа да постигнуваат успеси на бојното поле и да ги потиснуваат авганистанските сили.
Трамп синоќа на Твитер објави дека Матис ќе замине од функцијата секретар за одбрана кон крајот на февруари, најавувајќи дека наскоро ќе именува негов наследник.
Матис во своето писмо во кое ја најавува оставката наведува дека се повлекува со цел Трамп да може да добие секретар за одбрана, чии ставови ќе му бидат поблиски.
„Бидејќи имате право на секретар за одбрана, чии ставови подобро ќе се согласуваат со вашите за ова или она тема, сметам дека е правилно јас да се повлечам од функцијата“, наведува Матис во писмото до Трамп.
Матис во писмото додава и дека сојузниците на САД „ги третирал со почит“ и оти ги користел средствата на американската моќ да обезбеди заедничка одбрана.
Францускиот весник „Паризиен“ оценува дека повлекувањето на Матис, поради несогласувања со новата воена стратегија на САД, има поголема тежина од сите други оставки на членови на Администрацијата на Трамп.
Весникот посочува дека Матис и преходно имал несогласувања со Трамп, особено во врска со односот кон американските сојузници и неопходноста за поголема внимателност со „злонамерните држави и стртешки конкуренти“, како Русија и Кина, кои „сакаат да го креираат светот според сопствените авторитарни модели“.
Во осврт на оставката на Матис, „Њујорк Тајмс“ оценува дека Трамп за време на 23-месечното управување со државата се обидел да се ослободи од сите кои „го ограничуваат неговиот нестандарден лидерски стил“.
Според весникот, со оставката на Матис, Трамп станува „претседател без ограничувања – варијанта, која сериозно вознемирува дури и некои републиканци“.
„Одлуката на Трамп за повлекување на околу 7.000 војници од Авганистан предизвикува стравувања во Азиско-пацифичкиот регион дека САД се откажуваат од својата лидерска позиција во сојузите градени изминативе децении, кои беа од витално значење за стабилноста и мирот по Втората светска војна“, додава „Њујорк Тајмс“.
Фото: EPA /Al Drago