Американскиот претседател Доналд Трамп и неговите компании ги дадоа на суд демократите со цел анулирање на нивното судско барање до фирмата „Mazars USA“ да прикаже сметководствени документи од финансиските и даночните извештаи поврзани со неговиот бизнис, објави синоќа „Њујрок Тајмс“.
За време на предизборната кампања во 2015 и 2016 година Трамп изјави дека ќе ги објави даночните декларации за неговиот бизнис со цел да се утврди дали и како тој плаќал даноци. Сепак, иако беше избран за претседател, тој се уште го нема сторено тоа со изговор дека во компаниите досега „работат независни ревизори“.
Според весникот, ова е првпат претседателот на САД и негови компании да се обратат во суд за спречување на истрагата за неговиот бизнис што повеќе месеци ја спроведуваат надлежните комитети во Претставничкиот дом предводен од демократите.
Демократите се обратија со повици за сведочење до официјални лица до неколку големи банки, како „Дојче банк“, да споделат информации за паричните операции на Трамп, и се интересираат за осум компании поврзани со претседателот.
Комитетот за буџет при Претставничкиот дом претходно побара и од секретарот за финансии на САД, Стивен Мнучин, да овозможи увид во даночните декларации на Трамп за последните шест години, но Мнучин не стори ништо во предвидениот рок. Наместо тоа, испрати писмо до конгресмените, нарекувајќи го барањето „без преседан“ и посочи дека треба да се консултира со Министерството за правда за неговата законитост.
„Њујорк Тајмс“ во февруари излезе со сторија дека за време на кампањата во 2016 година Трамп неконтролирано трошел десетици милиони долари, а во претходните години земал повеќе кредити за проширување на своето портфолио на недвижности.
„Дојче банк“ е една од неколкуте банки што ја кредитирале Организацијата Трамп, а самиот Трамп во 90-те години се нарекувал „крал на долговите“, пишува весникот. Неговиот бизнис тогаш четирипати пријавил банкрот поради што некои банки претрпеле големи загуби, а Трамп одредено време бил исклучен од бизнис заедницата на Волстрит.
ФОТО: EPA / ALEX EDELMAN / POOL