Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска во Советот за безбедност ја критикуваше зголемената агресивност на Иран, држава која САД повторно ќе ја санкционираат, а исто така ги осуди Русија во врска со Сирија и Кина во врска со претстојните избори во САД.
– Во годините по потпишувањето на договорот склучен во 2015 година за иранската нуклеарна програма, агресијата на Иран само се зголеми – рече американскиот претседател, кој се повлече од таа спогодба.
Тој вети дека санкциите на САД ќе бидат во целост на сила на почетокот од ноември и дека ќе бидат придружени со нови казнени мерки, како што рече, поостри од кога било, со цел да се одговори на злонамерното однесување на Иран.
Трамп и иранскиот претседател, Хасан Рохани, вчера жестоко се судрија, менувајќи се на говорницата на годишното Генерално собрание на ОН во Њујорк.
Американскиот претседател ги повика сите земји да воведат изолација за корумпираната диктатура во Иран.
Трамп во врска со Сирија директно ја нападна Русија, сојузникот на Дамаск и, како што кажа, главната пречка за донесување голем број резолуции на ОН во врска со конфликтот кој трае веќе седум години. Оваа земја стана кланица благодарение на Иран и Русија, истакна тој.
Американскиот претседател го обвини и официјален Пекинг дека се обидува да ги спречи републиканците да ги освојат следните парламентарни избори во САД.
– Кина се обидува да се меша во изборите во ноември, и тоа против мојата администрација – рече тој.
Кинеските власти, пак, веднаш ги отфрлија обвиненијата на Трамп.
– Никогаш не сме и нема да се мешаме во внатрешните работи на која било земја. Ние ги одбиваме сите неоправдани обвинувања против Кина – рече на Советот за безбедност шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји.