Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ вечерва од 20 часот во Националната опера и балет ќе го одржи традиционалниот велигденски концерт, годинава насловен „Велигденско будење“.
Концертот содржи богата музичко-сценска програма во која ќе бидат изведени многу фрагменти од кореографии, вокални и оркестарски изведби од нивниот понов репертоар, од 2000 година до денес.
Ќе учествуваат првенците, солистите и целиот ансамбл на „Танец“ кој со овој концерт ја почнува јубилејната 70-та сезона, под мотото „Остани во чекор“.
– Чуварите на нашето музичко-фолклорно богатство со ова најавуваат храбри чекори кон модерните времиња, но и цврсто тежиште кон традиционалните вредности – соопшти „Танец“.