Француската јавност остана шокирана откако еден локален портал ја објави снимката од разговорот на вработената во Итната помош и девојката која по неколку часа починала.
На снимката јасно се слуша како Наоми Мусенга (22) преку телефонот се обидува да и објасни на жената дека е во големи болки и дека би можела да умре, но од другата страна, операторката целата драма не ја сфатила сериозно, па во еден момент почнала да ја исмејува девојката која била во агонија.
– Многу ме боли стомакот, ќе умрам – едвај изговорила младата Наоми, а од другата страна пристигнал неочекуваниот одговор.
– Ќе умреш еден ден како и сите останати – рекла операторката.
Целиот случај датира од декември лани, но сега протече снимката од разговорот после што реагирала и француската министерка за здравство Агнес Бузин. Откако ја ислушала снимката која трае три минути, ветила истрага на целиот случај.
На самиот почеток на снимката Наоми се обидува да објасни во што е проблемот, но со оглед на тоа дека е во големи болки, се одело бавно и звучело мошне неразговетно. Жената од другата страна на линијата очигледно не била расположена за таков вид на разговор.
– Ќе ти спуштам слушалка ако не ми кажеш што се случува. Не можам да ти помогнам, немам поим кој е проблемот. Земи лист хартија и молив и запиши го овој телефонски број – и рекла операторката од Итната помош и ја упатила на службата СОС Медисинс кои праќаат лекар на домашна адреса.
Тука разговорот завршил, но тоа било само почеток на драмата на Наоми. Таа во агонија го повикувала телефонскиот број, додека операторката на Брзата помош се забавувала со своите колеги и продолжила да ја исмејува девојката што јасно се слуша на снимката.
Наоми успеала да ги добие СОС Медисинс, но лекарот дошол дури по неколку часа. Итно била префрлена во болницата, каде што претрпела срцев удар и по неколку часа починала. На несреќната девојка и откажале органите поради хеморагичниот шок.
Ден откакао е објавен транскриптот на разговорот, операторката на Итната помош е суспендирана, а државното обвинителство покренало истрага.
– Била сама, молела за помош, јасно рекла дека ќе умре… Никој не би смеел да умре на таков начин – рекла постарата сестра на Наоми за француските медиуми.
ФОТО: Фејсбук