Каталонскиот лидер Квим Тора денеска побара разговори со Владата во Мадрид, по пет дена немири предизвикани од изрекувањето на затворските казни за каталонските сепаратистички лидери.
– Го повикуваме вршителот на должност премиер на Шпанија да седне на преговарачка маса и да разговара со нас – истакна Тора, додавајќи оти минатонеделното насилство не ја отсликува „мирната природа“ на движењето за независност на Каталонија.
Протестите почнаа откако шпанскиот Врховен суд на 14 октомври осуди девет каталонски претставници на затворски казни од девет до 13 години поради бунт и користење на јавни пари за организирање на референдум за независност во 2017 година, кој беше забранет од Уставниот суд и последователното еднострано прогласување на независност на Каталонија. На тројца каталонски претставници им е забрането да извршуваат јавни функции и треба да платат парични казни.
Каталонската и шпанската полиција синоќа ја презедоа контролата над улиците во Барселона и другите каталонски градови и ги растераа демонстрантите, кои шест часа го блокираа градот.
Илјадници демонстранти со знамиња на Каталонија, на петтиот ден од демонстрациите, целосно го блокираа градот. Синоќа се случија најжестоките судири меѓу каталонските заговорници за независност и полицијата.
Владата на Каталонија, составена од две партии за независност, во последниве денови повикуваше на масовни и мирни демонстрации.
Генералниот штрајк беше организиран на покана на синдикатите кои се залагаат за независност на Каталонија.
Фото: EPA/QUIQUE GARCIA