Сега кога гледам кого сѐ и на кои начини исповработија новите бирократи кои со кадровската политика немаат ни „к“, кои не разликуваат знаења од мериторности, квалификации, морал од интерес, естрада од уметност, не допуштам веќе да ме јаде нелагодноста, вели писателот Томислав Османли во разговорот за Плусинфо.
Повод за разговор со Османли е неговата нова книга „Океан од слики – раскази и каприча“, која неодамна излезе во издание на „Авант прес“, а која вклучува серија сугестивни мешани дискурси во рамките на кратката проза.
Изгледа дека кај Вас, од сликите навираат зборови. Што е постаро, сликата или зборот?
– Сликата, несомнено. И на цивилизациско и на индивидуално рамниште. Најнапред се појавуваат сликите: оние на сеќавањето, сликите и претставите на вистинитите и на лажните довижувања, сликите на сните, на симболите и на идолите… Роевите слики им претходат на роевите зборови. Денес, дури и многу повеќе од порано. Денес, тие чудесни инспиративни илустрации, цртежи, депикции, глетки, емотикони, фотки… што се појавуваат пред книжевниот запишувач во ова време и цивилизација на сликите, на графиките и на фотографиите, се бележат дури и во подвижниот компјутрески текст којшто и самиот, дури и отепчатен во книга, е отпечаток на претходна, електронска – слика. Никој од тоа не е исклучок, и токму на таа идеја за предимството на сликата и почива оваа збирка од текстови, раскази и – каприча. Првите во моето поимање на кусите прози од книгата се главно реалистични, симболистички, рефлексивни и лирични прози, додека каприча ги нарекувам оние посликовити, иронични, критички доживувања на една скриена, навидиум фантастично доловена стварност која се однесува токму според одредувањето, како от(с)криен каприц на реалноста. Јас и нив ги доживувам како низи од вчудовидни, комични и поконкретно фарсични слики.
– Претставените слики вклучуваат и ликови од прочуените книги за деца, на пример, Малиот Принц, Гуливер или духот од Аладиновата лампа. Го разбудивте ли детето во Вас или има малку и носталгија кон овие ликови?
– Искрено речено, детето во мене никогаш и не било заспано. Од детството уживам во тие наративи што сум ги проследувал низ текст и многу сликовити фантазии. Детето во мене остана будно и во зрело доба заедно со сите љубови од фантастичните, преку приказните на стравот и ужасот, што во секоја генерација се раскажуваат кога паѓа првиот мрак и кога по приказните се раздвижуваат сеништа од чуени или доизмислувани наративи, но и литератирата: во авантуристичките романи од Р.Л.Стивенсон и Џек Лондон, до Карл Мај и Хенрик Сјенкјевич, па ако сакате и до Бруно Шулц; потоа, во филмовите чиишто слики и фасцинации ги носиме од детството и исто така за цело време, во стриповите во кои фантастиката и авантурата се знаци на распознавање на досегашните стриповни наративи. Сѐ се тоа слики од срцето на незаспаното дете не само во мене, во сите нас.
– Во расказите е вклучен и култниот стрип јунак Корто Малтезе, но и самата книга е своевидно стрип патување. Каква врска правите меѓу стрипот и книжевноста?
– Расказот го именував со имињата на два стриповни лика, „Малиот Немо во мундирот на Корто“. Тоа е инаку, еден од двата расказа во кои Корто ми е книжевен лик. Оној вториот, под наслов „Корто Малтезе во скопската чаршја“, сѐ уште не е публикуван, а ќе биде објавен во книгата со скопски прози насловена „Тајното братство на носталгичарите“ која наскоро ќе се појави од печат. Расказот „Малиот Немо во мундирот на Корто“, во превод на Билјана Билјановска, најпрво беше објавен на италијански јазик. Јас во светот на литературата влегов од светот на сценаристиката. Моите први творби, па и признанија, се врзуваат за предлошките за телевизиски и играни филмови.
Еден од расказите, насловен „Зое“ е посветен на госпоѓа Зое Личеноска, сопругата на познатиот сликар Лазар Личеноски. Како настана оваа емотивна приказна?
– Зое Личеноска беше пријателка на мојата мајка. Кога мајка ми почина, јас почнав да ја посетувам таа деликатна и едуцирана дама која течно говореше и точно пишуваше на француски и на грчки јазик и којашто сето свое време и стручно знаење како историчарка на уметност му ја беше посветила на најважниот субјект во нејзиниот живот, на својот сопруг сликарот Лазар Личеноски. Тоа не престана, дури и кога тој одамна веќе не беше жив. Ја следев како со култивирана енергичност говори за него и за неговото творештво и во суштина се обидува да ги преоживее епизодите, моментите и секако годините поминати со него. Сликите наслоени во неговото големо ателје на спратот во куќата под скопското Кале – сега претворена во музеј на заборавот и на негрижата на оваа култура кон еден од своите ликовни родоначалници, но и кон личноста на неговата жива муза, на госпоѓа Личеноска многу ѝ помагаа во тоа. Така се размешуваа сликите од сеќавањата, од доживувањата со сликарството на љубениот сопруг...
Морам да признаам дека бев, и еве и сега, кога госпоѓата Личеноска веќе со години не е со нас, и натаму останувам фасциниран од таа нејзина етичка, но и естетска лојалност, од нејзината неотстапна поврзаност за сликите создадени од Лазар Личеноски и за своите слики, сеќавања, и емотивни доживувања, создавани заедно со него. Расказот Зое го објавив во мојата втора прозна книга „Виолетни светлини и сенки“, во време кога госпоѓата Личеноска беше жива. Таа го прочита и, вклучувајќи го и наративот за нивната прва средба, го одобри расказот. Потоа, во една од нејзините подоцнежни книги таа самата, средбата ја опиша поинаку, а набрзо и почина. Не можев, а таа разлика во доживувањата на истиот настан, да не ја евидентирам како необичен и суштински книжевен факт, како особена разлика во приказните што се ројат меѓу сеќавањата и имагинациите што се толку човечки и кои на сите ни се случуваат, со појавата на имагинарните кои полека ги покриваат реалните слики. Тој е еден од расказите кој го сними културната програма на Радио Скопје.
Зад себе имате голем професионален багаж, вклучувајќи ги и сценаријата за телевизиски драми и драмските текстови за театарски претстави, големо телевизиско работно искуство во културната рубрика. Какво е чувството на само неколку години до пензија да се остане без работа?
– Непријатно. Особено кога своите искуства, напластените знаења и повеќекратни способности – соопштувајќи ги со извесно чувство на нелагодност – ќе ги ставите на раполагање на надлежните во Ресорот на чии разнородни проблематизации и творечки афирмации сте го минале целиот професионален живот. До моментот на срамното отпуштање од телевизијата „Телма“ по пат на згаснувањето на Рубриката за култура и уметност, имав професионален стаж од цели 40 години работа во новинарството во културата, а уште повеќе и во доменот на мојата уметничка работа во драматугијата, теоријата, литературата, но и во оштествените дејности. Од тоа, заедно со долгогодишниот директор на Куќата, како впрочем и со сите колеги во „Телма“, 18 години и јас го создавав тој бренд во кој програмите од културата беа многу битен чинител.
Сега кога гледам кого сѐ и на кои начини исповработија новите бирократи кои со кадровската политика немаат ни „к“, кои не разликуваат знаења од мериторности, квалификации, морал од интерес, естрада од уметност, не допуштам веќе да ме јаде нелагодноста. И мојата, две и пол години продолжена невработеност не само во моите очи, туку и во очите на оние што ме познаваат е дел од нивниот срам.
Во Македонија во меѓувреме одумреа барем еден жив медиумски жанр: ТВ драмата, а се случуваат и други квалитативни загуби… Кој сето тоа ќе го врати во вистинскиот колосек?
Државна стратегија и одмерен интервенционизам и на планот на медиумската култура, тоа го предлагам. Олеснувања и стимули за овој вид програмски производи и оптоварувања за естрадата. Но, тоа го може само една просветена држава. Во Македонија новинарството во културата е на издивнување, а новинарите и уредниците во овој домен веќе сѐ – и сѐ повеќе ќе бидат – социјални случаи. Тоа е првокатегоријална тема на сега строго политички функционализираните медиуми особено на телевизиите, зашто е огледало на културниот аспект од функционирањето не само на радиодифузните медиуми, туку на фирмите што ги владеат, па и на државата.