Таткото на војвотката Меган Маркл (36), Томас Маркл (73), одлучи по недоаѓањето на кралската венчавка во мај, да даде ексклузивно ТВ-интервју во емисијата „Добро утро, Британијо“ за односот со ќерката и принцот Хари (33).
Томас му признал на водителот Пирс Морган дека му е жал поради тоа што не можел да ја допрати Меган до олтарот, туку тоа го направи принцот Чарлс, поради што бил љубоморен, пишува „Дејли мејл“.
– Сепак, не можев да замислам подобар човек од Чарлс, достоинствено тоа го изведе и добро изгледаше – признал Томас.
Меган поради недоаѓањето на татко ѝ на нејзината венчавка, како што тврди тој, плачела.
Томас Маркл во текот на свадбената церемонија лежеше во болница во Калифорнија каде што беше хоспитализиран поради операција на срцето.
– Плачев додека мојата прекрасна ќерка се мажеше за принцот. Бев многу горд. Во животот не сум видел поубав момент, цел свет ја гледаше Меган – рекол Томас, пензиониран мајстор за осветлување на филмските сетови.
Тој додал дека принцот Хари неколку денови порано му се јавил на телефон и побарал благослов и „раката“ на неговата ќерка.
– Му реков дека е среќен маж затоа што е со Меган. Го предупредив и дека е џентлмен и дека никогаш не смее да му падне напамет случајно да крене рака на неа. Секако дека му дадов благослов за свадбата – рекол Томас.
Тој додал дека неговата ќерка е принцеза од раѓањето и дека Хари ја одбрал вистинската жена за себе.
Таткото на поранешната актерка, а сега принцеза, се осврнал и на прозивките дека заработил 100.000 фунти врз основа на лажните папараци фотографии што им ги продаде на таблоидите пред венчавката.
– Им раскажав сѐ. Сфатив дека тоа е грозна грешка, а времето е невозможно да се врати – рекол Томас.
Потоа се осврнал на политиката и рекол дека принцот Хари му открил дека е отворен кон брегзит и дека мисли дека на американскиот претседател Доналд Трамп (72) треба да му се даде шанса.
– Сепак, не се согласувам многу со него во врска со Трамп – рекол Томас Маркл.
Томас сѐ уште не се сретнал со Меган и со принцот Хари по венчавката, но тврди дека би сакал наскоро да оди во Лондон и да ја запознае кралицата Елизабета Втора (92), која, како што вели, е неверојатна жена.