Владата најавува активно решавање на проблемот со отстранувањето на индустрискиот токсичен отпад „линдан“ којшто со години се наоѓа во две депонии во фабриката „Охис“ во Скопје.
Отстранувањето ќе трае од три до пет години, а која метода ќе се примени ќе зависи од собраните средства преку Фондот којшто денеска се формира во соработка со Канцеларијата за услуга на проекти на Обединетите нации – УНОПС и со Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.
Пресметките се дека чистењето може да чини од 40-тина до 260 милиони евра, а ќе бидат опфатени и големата и малата депонија во „Охис“.
– Има три типа на решавање на проблемот – биолошка ремедијација, термална ресорпција или ископување на материјалот и носење во странство. Имаме направено пресметки за секоја од нив. Зависно од тоа колку средства ќе се соберат преку Фондот, таа метода ќе се избере – изјави генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.
Веќе следната недела се очекува да биде формиран управувачкиот комитет за решавање на овој долгогодишен проблем.
– Познато е дека одредена количина на овој опасен пестицид со години е затрупан во кругот на фабриката и претставува закана за животната средина. Република Македонија со потпишување на Стокхолмската конвенција во 2004 година, во која линданот е додаден како токсична материја во 2009 година, е обврзана да го реши овој пробем. И затоа час поскоро мора да го дислоцираме отпадот без последици по околината и граѓаните – изјави премиерот Зоран Заев.
Од Владата најавуваат дека до Нова година ќе биде решен и проблемот со радиоактивниот отпад којшто се чува во складиште во Ѓорче Петров.
– До Нова година овој проблем ќе биде решен. Отпадот којшто не беше опасен, веќе е дислоциран, а отпадот којшто е опасен ќе го дадеме најверојатно на продажба бидејќи имаме сознанија дека компании кои се занимаваат со производство на противградни ракети, може да пројават интерес да го купат – изјави генералниот секретар на Владата.