Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Пеце Мирчевски, денеска официјално ќе го соопшти ставот на Владата во врска со едностраното раскинување на договорот за јавно-приватно партнерство од страна на концесионерот на Комплексот „Македонско село“.
Вчера семејството Тодоровиќ, кое е концесионер на „Македонско село“ повеќе од две години, соопшти дека ја користи клаузулата во Договорот за јавно приватно партнерство со Службата за општи и заеднички работи на Владата за раскинување на договорот по сопствено барање.
Во образложението за потегот концесионерот наведе дека изминатите две години комплексот работел со загуба.
„И покрај нашата желба и вложувања како на големи финансиски средства така и на човечки ресурси со цел економски рентабилно работење, по извршените анализи во текот на овие две години од кога стопанисуваме и управуваме со Македонско село, со жалење мора да констатираме дека Комплексот работи исклучиво со загуба“, напиша концесионерот.
Вчера, директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Пеце Мирчевски, изјави дека е затечен од информацијата за затворање на Комплексот.
– До нас нема ништо стигнато. Од медиумите слушнав дека концесионерот престанува со работа. Закажавме состанок за утре по што ќе кажеме како ќе се постапи – изјави вчера Мирчевски.
Тој се повика и на член од Договорот со кој за ваква одлука давателот на концесијата треба да биде известен најмалку 6 месеци однапред.
За денеска беше најавена средба меѓу потписниците на Договорот за јавно-приватно партнерство, а што е договорено ќе реферира директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата на прес конференција.
Каква ќе биде судбината на „Македонско село“ во иднина ќе треба да одлучи Владата, но до тогаш вратите на овој Комплекс остануваат затворени.
Хотел „Квинс“ и „Тинекс“, сопственост на семејството Тодоровиќ, во јануари 2016 година го добија под концесија од 20 години комплексот „Македонско село“ за месечна кирија од 3.500 евра. На јавното наддавање тогаш учествуваа три фирми, а почетната цена за месечна кирија беше 2.000 евра.
Владата пред да склучи договор со нив, имаше договор за концесија со „Тренд“, но фирмата се откажа и го раскина.
Изградбата на комплексот кој се градеше во 2011 година чинеше околу 6,5 милиони евра. Според официјалните податоци, Владата во изградба на селото вложи 5,2 милиони евра. Дополнителни 1,3 милиони евра беа потрошени за внатрешно уредување, 24.000 евра чинеа трите електромобили набавени за пренесување на куферите на гостите во селото, 4.200 евра чинеа патоказите и ознаките за комплексот и 2.700 евра беа потрошени за клупите и корпите за отпадоци.