Владата формира тим од министри со задача да ја контролира реализација на капиталните инвестиции годинава, информира вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Тој смета дека овој вид на инвестиции ќе се реализираат поинтензивно годинава.
– Тимот го предводам јас заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и министерот за економија Крешник Бектеши што има за задача во името на Владата да ги контролира капиталните инвестиции и да ги забрзува. Тимот почна да функционира пред еден месец и веќе има сериозни исчекори, а бројките допрва ќе се видат – рече Анѓушев пред почетокот на меѓународната арбитражна конференција „Преку унапредување на арбитражното законодавство до подобро деловно опкружување“ во Стопанската комора на Македонија.
Според него, лошите услови за градење биле причина за ниската реализација на капиталните инвестиции во првите два месеца од годинава кои изнесуваат 15 милиони евра односно,3,5 отсто од планираните 422 милони евра капитални инвестиции.