Тимот на македонскиот документарец „Медена земја“ во состав режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев, снимателите Фејми Даут и Самир Љума, како и главната протагонистка, Атиџе Мурaтова, денеска во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар одржаа онлајн прес-конференција. Поради неможноста во скоро време да присуствуваат сите истовремено во Скопје, сѐ со цел да одговорат на барањата на македонските медиуми за интервјуа и изјави, се јавија во живо од Лос Анџелес.
Пред новинарите ја изразија својата благодарност за безрезервната поддршка на нашата публика и на медиумите, и истакнаа дека се радуваат на успехот на „Медена земја“, и покрај тоа што не освои Оскар на 92. доделување на наградите на Американската филмска академија, што се одржа во неделата во театарот „Долби“ во Холивуд.
Рекоа дека се гордеат со историскиот успех на „Медена земја“, кој е првиот македонски и светски документарец истовремено номиниран во две категории – за најдобар документарен и за најдобар интернационален филм.
– „Медена земја“ е филм кој тргнува од индивидуалецот и пренесува универзална приказна со глобална порака. Големината на пораката ставена во една совршена визуелна форма, ја препозна светот… И не залудно овој филм ја смени филмската историја. „Медена земја“ го издигна документарниот филм, му даде легитимитет и идентитет, го направи голем и значаен. Поради овој филм Оскарите ги сменија правилата на игра, документарниот филм доби нов живот. Бескрајно сме горди на овие две номинации. Понекогаш е подобро да смениш историја отколку само да се добие Оскар. Веруваме дека оваа порака, како што го допре светот со преполни киносали низ планетава, ќе ве допре и вас, и ќе пробате да ја направите промената, првин во себе, а преку тоа и во колективот – вели Атанас Георгиев.
Ко-режисерката на филмот, Тамара Котевска истакнува дека „двете номинации се исклучок кој нема да се повтори скоро“.
– Светот се измори од лажни суперхерои. Токму затоа, сите ѝ се поклонија на Атиџе. И не само нејзе, туку на сите генијални ликови кои ги обелоденија храбри документаристи на неверојатни документарци годинава. Заборавете на Оскарот. Тоа е само шоу кое ќе се повтори наредната година. Двете номинации за документарен и интернационален игран филм се исклучок кој нема да се повтори скоро. Тоа единствено треба да го запамети Македонија – рече таа.
Снимателот Фејми Даут вели:
– Како филмски снимател постојано се соочувам со различни предизвици. Колку што е предизвик да се работи на долгометражен филм, толку е и предизвик да се работи на документарен филм. Првата средба со нашиот главен лик Атиџе, беше нешто посебно и би го опишал како љубов на прв поглед. Првата средба со неа ме поттикна уште повеќе да дознам за нејзиниот живот. Во документаристиката е важно да се најдеш во вистинско време на вистинско место и како бонус да имаш неверојатен лик пред себе. Осознавајќи го нејзиниот живот, така се менуваше и мојот. Од нејзините животни мудрости научив доста, за тоа како треба да се однесуваме кон тоа што нѐ опкружува во секојдневниот живот. Достигнувањето со номинација за Оскар е плод на тоа што научивме за време на снимањето на „Медена земја“, на нашата упорност, трпеливост, пожртвуваност и посветеност кон работата.
Главната протагонистка на документарецот, Атиџе Муратова, која ја почна прес-конференцијата со песна инспирирана од „Медена земја“, рече дека по враќањето од Лос Анџелес планира да им се посвети на пчелите.
Тимот на „Медена земја“ упати благодарност до „Неон“, Агенцијата за филм, SDC, AFM, SFFILM, Cinereach & SFFILM Invest, Submarine & Deckert distribution, „Арс Ламина“ и сите останати што го поддржаа филмот.
По триумфот на „Санденс“ минатата година, „Медена земја“ се прикажа на педесетина филмски фестивали ширум светот, освои над 40 награди, и многу номинации, меѓу кои и за најдобар документарец на престижните Европски филмски награди. Доби одлични оценки од релевантните светски медиуми и критичари.