Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност Федерика Могерини и претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи денеска во Брисел го разгледаа напредокот во разговорите за нормализација на односите.
Како што објави Европската комисија по состанокот, договорено е новиот круг од политичкиот дијалог на највисоко ниво да се одржи за неколку недели, за да продолжат да работи на ова прашање.
Српскиот претседател Вучиќ по состанокот изјави дека денешните разговори не биле лесни и дека постојат две работи околу кои е постигнат договор.
– Една е разговорите да ги продолжиме и да се обидеме да најдеме заеднички именител на компромисно решение, а втората работа е да го зачуваме мирот и стабилноста во односите меѓу Белград и Приштина – изјави Вучиќ.
Тој нагласи дека кажано во една реченица „Албанците и Хашим Тачи сакаат и бараат се за Албанците од Косово, додека Белград се обидува да изнајде компромисно решение во кое ниту една страна не би била понижена“.
– Јас секако се борам за Србија и српската страна во која интересите на другата страна не би биле сосем занемарени, изјави Вучиќ посочувајќи дека позицијата и разговорите не се лесни за никого, бидејќи е важно проблемите да се решаваат заради иднината.
Во врска со признавањето на независноста на Косово, Вучиќ потенцираше дека на секојдневна основа има разговор за постигнување компромисно решение.
– Единственото компромисно решение кое го предлагаат сите политички партии на Косово, особено Хашим Тачи и сите други, секогаш е признавање на независноста на Косово, а тоа така не функционира – рече Вучиќ.
Тој изјави дека на разговорите биле „превземени одредени технички чекори“ со цел во Косово да не дојде повторно до инциденити, какви ги имаше до неодамна.
Во врска со следните чекори кои ги очекува во дијалогот, Вучиќ изјеви дека е неприфатливо прекинување на разговорите и се да се остави на емоциите и на решавање со страсти.
– Затоа Србија е решена да ги продолжи разговорите и кога ќе бидат тие закажани, ние ќе ги продолжиме овие разговори во добра верба и со најдобра намера да се постигне решение. А дали ќе постигнеме решение и дали можеме да понудиме некакво решение… тоа ќе го видиме – засега не сме блиску до нешто такво, рече претседателот на Србија.
ФОТО: Твитер