Тетовецот Томески е дел од продукцијата на научно-фантастичен филм од САД

Покрај него, во креативниот тим учествуваат уште неколкумина млади од Македонија, додека останатите се од Америка.

215

Загадената животна средина, неподносливите услови за живот на планетата Земја и барањето живот на друга планета е сижето на филмот „Раса“ на чија продукција во Соединетите Американски Држави работи и младиот тетовец Игор Томески, која има американско универзитетско образование во областа на филмот и режијата. Жанрот на филмот е акција-авантура со елементи на научна фантастика.

– Дејствието е сместено во далечна иднина кога Земјата е доста загадена и условите за живот се неиздржливи. Група Земјани тргнуваат во авантура да населат нова планета и да создадат нов почеток, со нови зацртани правила и вредности за начин на живот од кои не смее да има девијација за да се избегне сличната судбина. Меѓутоа, на бродот за вселенско патување, дел од учесниците на мисијата составуваат саботерска група која го руши бродот на сосема друга планета. Се јавува поделба на две групации со две сосема различни идеологии кои треба да живеат заедно. Филмот го поставува прашањето – дали сме подготвени за нов почеток, да истраеме во почитувањето на одредени вредности и дали менувањето на планетата би не сменило нас – објаснува Игор.

На социјалните мрежи веќе може да се види трејлерот за „Раса“. Планирано е да трае два и пол часа. Сценариото има 160 страници, покрај Томесвки е напишано и од Џереми де Бери, со кого заедно се како тим на продуценти.

– Моментално филмот е во фаза на докомплетирање на средствата и се почнува и со претпродукцијата. До крајот на годината се планира да почне и продукцијата и да започне снимањето, на локации во Џорџија и Флорида во САД, бидејќи првичната поддршка е добиена од овие две држави. Режисер на филмот е Конор Бреј, кој е филмаџија од Флорида, со повеќе награди – вели Томески.

Покрај него, во креативниот тим учествуваат уште неколкумина млади од Македонија, додека останатите се од Америка.

– Филмот е конципиран да биде инди-филм, без огромен буџет и без премногу спектакуларни визуелни ефекти како блокбастерите, претендирајќи со едноставно раскажување да се постигне посакуваниот ефект, што за екипата претставува креативен предизвик – рече Томески.

Голем дел од актерската екипа на филмот се млади актери, и се остварува соработка со Здружението на филмски актери на Америка (Screen Actors Guild of America), каде се таргетирани актери од А и Б-категорија и други креативци.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...