Британскиот министер за одбрана Гавин Вилијамсон е сменет денеска поради откривање информации од затворениот состанок за кинеската телекомуникациска компанија Хуавеи, соопшти кабинетот на премиерката Тереза Меј.
За нов министер за одбрана е поставена Пени Мордаунт, која претходно била министер за меѓународен развој.
Одлуката на премиерката за смена на Вилијамсон е „донесена врз основа на информациите за неговото однесување до кои дошла истрагата за околностите за неовластено истекување на информации од состанокот на Советот за национална безбедност“, се наведува во соопштението.
Истрагата е покрената минатата недела, откако медиумите објавија дека Советот, кој заседава зад затворени врати, одлучил да и дозволи на компанијата Хуавеи да учествува во некои аспекти на новата британска безжична 5Г комуникациска мрежа.
Британската Влада тврди дека таква одлука не е донесена.
ФОТО: EPA / JULIEN WARNAND