Турскиот премиер Бинали Јилдирим му изрази сочувство за загинатиот пилот на неговиот грчки колега Алексис Ципрас во телефонски разговор остварен вчера, соопшти Владата на Грција.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, разговорот бил по иницијатива на Јилдирим, кој на Ципрас му го пренел и сочувството од турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
– Двајцата премиери се договорија да одржат отворени канали на комуникација во следниот период и да го зајакнат во иднина дијалогот меѓу двете земји, соопшти Кабинетот на Ципрас.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, Ципрас на Јилдирим му го споменал и случајот со двајцата грчки војници, кои се уште се наоѓаат во затвор во Турција, откако по грешка, поради лошото време, минатиот месец преминаа на турска територија кај реката Марица.
Турскиот премиер, според истите информации, го известил неговиот грчки колега за текот на судскиот процес, а во телефонскиот разговор станало збор и за „соработка за разбивање на мрежата“ на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека е организатор на обидот за воен удар од 2016 година.
Телефонскиот разговор Ципрас-Јилдирим се одржа во период на затегнати односите меѓу Грција и Турција.
ФОТО: EPA/ORESTIS PANAGIOTOU