Директорите на петте приватни национални телевизии Алсат, Алфа, Канал 5, Сител, Телма здружени во Македонската медиумска асоцијација бараат институциите да овозможат спроведување на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги донесен во 2018 година и да ги потсетат телекомуникациските оператори на обврските кои им произлегуваат од лиценците за почитување на авторските и сродни права. Дополнително, тие бараат оставка од првиот човек на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, Зоран Трајчевски, бидејќи се ставил на страната на операторите со тоа што не ги применува законите и не го санкционира реемитувањето на содржини кои немаат регулирани авторски права во земјава.
Тие на прес-конференција рекоа дека телевизиите се колатерална штета од недоразбирањето меѓу институциите и апсурдното и незаконско однесување на телекомуникациските оператори и не гледаат причина да бидат исклучени од реемитување.
– Ние ги гарантираме авторските права 24/7 и гарантираме дека на нашата програма не се појавува никаква пиратерија, ништо за што не е регулиран договор и за што немаме законско право да емитуваме. Оттаму, навистина е чудно зошто нас би нѐ исклучиле од нивните телекомуникациски мрежи како емитувања, особено што имаме и валидни договори. Евентуалното раскинување на тие договори трае 30 дена, така што ова е паушален незаконски чин, да не речам хир од страна на кабелските оператори – рече Атанас Кировски, претседател на ММА.
Тој потсети дека операторите имаа период од една година да се прилагодат на новите услови на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги и затоа според него е неразбирливо и општествено неодговорно да се закануваат во чувствителен момент за државата.
– Во време кога владата апелира бесплатно да емитуваме информативни спотови за заштита од коронавирусот, кога сме во очекување да ги почнеме преговорите со ЕУ и кога треба да известуваме за изборните резултати, тие сакаат населението да го стават во информативен мрак. И сето тоа само затоа што од нив е побарано да престанат да крадат авторски права и да ја регулираат нелојалната конкуренција – рече Кировски.
Тој ги обвини операторите дека пиратираат најмалку 10 канали без авторски права кои создаваат нелојална конкуренција.
– Одредбите од Законот што важат за морална, материјална и кривична одговорност за одговорните лица кај операторите, важат и за телевизиите. Зошто ние не се плашиме и не се заканиме дека ќе исклучиме програми? Некој очигледно пиратира и сака да продолжи да пиратира и ѝ се заканува на јавноста дека ако не му биде дозволено да пиратира тогаш ќе затемни и ќе влеземе во информативен мрак – рече Кировски.
Од Асоцијацијата побараа оставка од првиот човек на Агенцијата за Аудио, аудиовиуелни и медиумски услуги Зоран Трајчевски бидејќи, како што рекоа, деновиве со своите изјави шири лажни информации тврдејќи дека Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги е донесен во пет минути пред распуштање на Собранието и покрај тоа што знае дека тој е донесен во декември 2018 година.
– Потсетуваме дека Законот е донесен во декември 2018 година по шестмесечна јавна расправа и со сите потребни процедури. Единствено што не беше на сила е тоа што поради неподготвеност на операторите беше донесен амандман со кој се одложи неговата примена за 60 дена, додека се избере Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги. По една година откако не се успеа со изборот на Советот, Собранието одлучи да го тргне амандманот и да почне да се применува Законот. Ова го знаеше Трајчевски и ако не го знаел негова е одговорноста – рече Кировски.
Од ММА бараат и Европската унија да се произнесе за последните случувања.
Вчера Здружението на информатичко-комуникациски технологии најави дека ќе го прекине реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали, ако институциите не најдат решение за спорниот дел од законот кој се однесува на обврските и одговорностите на операторите преку кои се реемитуваат програмите на домашните и странските телевизиски канали.