Бизнисмените од текстилната индустрија сѐ повеќе размислуваат да го преселат својот капитал во други сектори бидејќи во земјава веќе нема кадар, а опаѓа и профитабилноста на бизнисот, велат од Здружението на текстилна и кожарска индустрија на Стопанската комора. Тие сметаат дека државата треба да го помогне нивното технолошко преструктуирање, да ја намали сивата економија, митото и корупцијата на администрацијата и да го реформира образованието ако сака оваа индустрија да остане дел од економијата.
– Дел од бизнисемните веќе не се осмелуваат да инвестираат во нова опрема и технолошко усовршување бидејќи не веруваат во развој на текстилната индустрија и вложуваат во други бизниси. Градат хотели и фотоволтаични централи каде што сметаат дека нивниот капитал ќе има поголем ефект. Тоа е легитимно и се базира на нивната проценка – вели Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилна и кожарска индустрија.
Според него, покрај ниската продуктивност поради нискиот технолошки развој на компаниите и немањето минимум знаење од кадарот што се вработува, на состојбата на оваа индустрија влијае и нефункционирањето на правната држава, сивата економија и егзодусот на младите.
– Главни предизвици на текстилната индустрија во наредниот период се вложувањето во нова технологија и нешто да се направи во однос на егзодусот на младите. А тука реформите во образовниот процес и структурните реформи се во прв план – вели Димитров.
Професорот Дарко Лазаров, пак, смета дека, државата треба да обезбеди системска поддршка базирана на пазарна логика за преструктуирање на компаниите за да се одржи овој економски сектор.
– Покрај тоа, важно е и компаниите самите да ја утврдат побарувачката на светскиот пазар каде што ние во нашата анализа на економијата за оваа индустрија увидовме дека се бара зимска опрема. Компаниите треба да увидат која земја какви производи бара за да можат да се преструктуираат во таа насока. Вкупно 182 производи од оваа индустрија имаат компаративна предност – вели Лазаров.
Според него, потребно е носителите на државни политики да се воздржат од неприродно зголемување на платите за да не ги доведат во криза компаниите.
– Платите треба да бидат одраз на продуктивноста на трудот. А овде во оваа индустрија продуктивноста е ниска и секое ново неприродно зголемување на платата ќе биде повод за затворање на фирмите. Платите во текстилната ииндустрија на пример сочинуваат 85 отсто од додадената вредност на компаниите, а 15 отсто останува за капиталот. Од годишно остварена додадена вредност од 4.625 евра, 3.900 евра завршуваат за плати. Тоа говори во каква состојба е оваа индустрија – вели Лазаров.
Во текстилната индустрија, според статистичките податоци, се исплаќаат плати од 17.816 денари. Во оваа индустрија работат околу 30.000 луѓе. Лани оваа индустрија извезла стоки во вредност од 543 милиони евра што е 8,5 отсто од вкупниот извоз од земјава, но е помалку за 6,5 отсто во однос на 2018 година.