Текстилниот отпад носи заработка ама ние го фрламе на депонија

Не се знае колку тони текстилен отпад од домаќинствата завршува на депониите.

1706

Над 10.000 тони текстилен отпад од компаниите годишно завршува на депониите во земјава каде што се разградува заедно со комуналниот отпад, наместо да се рециклира и како нов производ да се врати на пазарот. Не се знае колку тони текстилен отпад од домаќинствата завршува на депониите. Компаниите пресметале дека годишно трошат над 1,5 милиони евра за раздолжување и депонирање на овој отпад. Дополнитлено царинските процедури и чекањето за уништување на отпадот и нередовното раздолжување на банкарските гаранции во голема мера влијаат на намалување на конкурентноста на овие компании.

– Текстилните компании немаат правна можност да го откупат отпадот по пониски цени од цените кои се користат при царинење во регуларна постапка, но и не смеат да го чуваат отпадот од процесот на производство и да докажат пред царинските власти дека го уништиле. Имаме обврска да направиме договор со јавните комунални претпријатија за преземање на овој отпад и негово уништување. Интересно е тоа што Царината ова го бара од текстилните компании по усна наредба, не по законски основ. Тоа е направено пред неколку години и се применува. Според тоа, ние не можеме да се договораме со други фирми за да го предаваме отпадот за друга намена односно за рециклирање или да формираме посебна фирма која ќе го собира текстилниот отпад како што тоа го имаме кај отпадот од пакување. Бараме оваа практика да се промени – вели Ангел Димитров, од конфекцијата Мода.

Според него, овој вид на отпад компаниите е најдобро да го даваат за рециклирање оти може како рециклиран материјал да се искористи за многу намени: за изработка за изолационен материјал, за изработка на нови ткаенини од кои ќе се произведуваат најразлични предмети и облека…

Од Царинската управа, пак, тврдат дека во постапката за увоз заради облагородување станува збор за странска стока, што за време на целиот процес е под царински надзор, бидејќи за неа не се платени царински давачки.

– Законот пропишува дека компаниите од текстилниот отпад можат да се ослободат на четири начини. Отпадот може да се извезе во странство, односно да се врати назад; да се царини и да се пушти во слободен промет, да се уништи под царински надзор и да се отстапи, односно да се предаде на државата – појаснуваат од Царинската управа.

Според Царинската управа, завршувањето на постапката кај јавните претпријатија е само еден од начините за ослободување од текстилниот отпад.

– Текстилните компании имаат право и можат да го користат за рециклирање и повторна употреба согласно законските прописи и не постојат никакви ограничувања во царинското законодавство, па според тоа нема потреби за менување на прописите – велат од Царината.

Од Групацијата за отпад во Стопанската комора сметаат дека економски е неисплатливо овој вид на отпад да завршува на депонии или да се пали, ако светските искуства покажуваат дека како рециклиран материјал може да придонесе.

– Палењето би било последната опција од низата опции кои се даваат за овој вид на отпад откако тој ќе се рециклира. Сепак, очекуваме Министерството за животна средина преку закон да овозможи да се формираат и компании за собирање и управување со текстилен отпад кои потоа и ќе го рециклираат и создаваат нов репроматеријал за индустријата. Европските искуства во однос на рециклирањето на текстилниот отпад се добри и ние треба да ги следиме. Потребно е да се промени перцепцијата за собирањето и селектирање на овој вид отпад за да може тој да се претвори во бизнис и заработка – вели Филип Ивановски, претседател на Групацијата.

Според него, во Министерството за животна средина веќе има размислување да се овозможи формирање и на ваква фирма, но и фирма за собирање на масла и гуми од транспортните компании. Кога тоа ќе се преточи во закон не се знае.

Покрај текстилен отпад кој се формира во индустријата, ваков отпад се создава и кај продажните капацитети и посебно кај домаќинствата. Во земјава не може да се најде податок за количините на текстилен отпад создаден од домаќинствата. Според тоа, не се знае ни колкав профит губи државата од тоа што текстилниот отпад завршува на депонииите.

Во светски рамки се претпоставува дека повеќе од милион тони текстил е фрлен во отпад. Поголемиот дел е од домаќинствата. Текстилот сочинува 3 отсто од содржината на кантите за отпад. Утврдено е и дека 50 отсто од текстилот кој се фрла е погоден за рециклирање, па сепак, количината на текстилен отпад кој повторно се употребува или рециклира годишно изнесува околу 25 отсто од вкупниот текстилен отпад.

Сепак во повеќето земји се прават напори овој отпад да се собира, рециклира или да се извезува. Се отвораат фирми за собирање и селектирање за облеката која се собира. Одделни компании дневно во светот испраќаат и по 100 тона облека и на тоа заработуваат.

Кај нас сега функционира само солидарното собирање на носена облека кое го организира Црвениот крст преку неколку контејнери за ваква облека поставени низ Скопје, а во рамки на Црвениот крст функционира и продавница во која се нуди оваа облека.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...